Skip to main content

Новата локална власт не се откажува од изработката на Стратегија за развој на туризмот од Свис Контакт

 Новата локална власт не се откажува од изработката на Стратегија за развој на туризмот која треба да ја изработи  Свис Контакт. Таа треба да е формален документ од кој ќе произлегува развојната програма за туризам. Со изготвувањето на стратегијата се доцни иако според најавите требаше да биде готова до јануари 2016, а да ја изработи швјцарската агенција за соработка  заедно со домашни туристички субјекти.   

 |  Валентина Неловска  | 
ох

За охридскиот туризам изминува уште една година без Стратегија за развој. Локалната самоуправа нема изготвено развојна програма за туризам и за 2018 година. Новата локална власт не се откажува од започнатиот проект и партнер кој доцни со изготвување на документ за развој на туризмот. Стратегијата за развој на туризмот беше најавена како проект пред 2 години, од октомври 2015 и требаше да се изработи до јануари 2016 по методологија на професори-експерти по туризам на универзитетот во Сент Гален  Швајцарија. Целокупниот проект се предвидуваше да заврши за пет години, со финансиска поддршка од швајцарската агенција за соработка, а носител да е Свис контакт. Развојната програма треба да произлезе од Стратегијата за која ние ќе инсистираме да биде завршена од Свис Контакт, информира градоначалникот Јован Стојаноски .


„ Не се предвидени мерки и активности затоа што треба да произлезат од Стратегијата, а не е наша вина, а нити на претходната власт и градоналник затоа што е изработувана од Свис контакт. Чекаме да биде завршена“, напоменува Стојаноски.

Досега се што се преземаше околу развојот на оваа стопанска гранка беше поединечно и без подлабока анализа. Со стратегијата се очекува да се добијат насоки каде ќе се движи развојот на туризмот, а истовремено да се направи анализа на моменталната состојба во туризмот. Таа треба да даде одговор кои се потребите на гостите и на кои негативности треба да се работи за да се надминат. Од локалната самоуправа очекуваат нејзино завршување.

„ Ако не се заврши на наредната средба со претставниците од Свис контакт ќе наметнеме облигација дека мора да има завршница на Стратегијата или ќе одбиеме понатака да сметаме дека стратегијата е формален документ. Во принцип не сакаме да ги загубиме добрите односи воспоставени од претходниот градоначалник со Свис Контакт. Тие се стратешки партнери интересни за понатамошна соработка“, информира Стојаноски.

Инаку, целокупниот проект изнесува 5 милиони евра, а парите се наменети за Охрид, Маврово и Крушево. Средствата се строго наменски и детално планирани. Стратегијата за развој на туризмот се планираше да биде среднорочна и да важи од 2016-та до 2020-та година. Од 2016-та Стратегијата требаше да биде во сопственост на општина Охрид и да биде база при изготвување на наредните стратегии за развој на оваа стопанска гранка.