Skip to main content

Алаѓозовски: Проектот за реконструкција на Али пашината џамија во охридската чаршија ќе се стопира

Проектот за реконструкција на Али пашината џамија во охридската чаршија ќе се стопира, изјави министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Министерот рече дека мора прво да се смират тензиите и да биде испочитувана законската процедура, со што судбината на Али Пашината џамија би била вратена во рамките на она што го нуди законот.

 |  Николоска Биљана  | 

Ќе се стопира реконструкцијата на Али пашината џамија во Охрид, тврди министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Како што е познато неодамна од граѓанското здружение „Совест“ кажаа дека овој проект се реализира без одобрение за градба.

„Ќе го стопираме проектот за да видиме за да најдеме заедничко решение значи не би дозволиле таму да се гради а самото градење да предизвикува етнички тензии а тоа да биде надвор од законските процедури така што во таа смисла сме јасни“ – вели Алаѓозовски.

Министерот истакна дека тие како ресорно министерство немаат ништо против обновувањето и заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги тука и верските објекти, но при тоа мора да биде испочитувана законската процедура.

„Ние повеќе би сакале да ја гледаме културата и културното наследство како заедничко богатство кое што не зближува. Во таа насока би било и нашето идно постапување, да ги смириме тензиите, да се држиме до законските и законската процедура и судбината на Али Пашината џамија да ја вратиме на некој начин во рамките на она што го нудат законските процедури“ – додава Алаѓозовски.

Како што веќе информиравме во неколку наврати, охриѓани го кренаа гласот против незаконското реконструирање на Али Пашината џамија во охридската чаршија и најавите дека минарето ќе биде високо 32 метри.