Skip to main content

Питачењето како проблем може да се надмине

Само со вклучување на децата од ранливата категорија на семејства во образованието, може да се надмине проблемот со питачењето, сметаат од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Овој проблем години наназад се провлекува низ институциите и никако да се стави крај на истиот.

 |  Николоска Биљана  | 

Околу 2000 деца низ градовите во Македонија питачат низ улиците, за да се прехранат. Главниот проблем за питачењето е исклучувањето на децата од училиште, посочува основачот и директорот на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанац. Тој смета дека Министерствата за образование и за труд и социјална политика, мораат да најдат механизми, на овие деца да им дадат одредени бенефиции, како би можеле и тие да одат во градинка, уште од нивната трета година, со цел да стекнат правилни животни навики и вештини.

Министерството за труд и социјална политика колку што сум информиран сака да направи одредени станбени објекти каде што ќе ги стационира овие семејства, но не може да ја префрли одговорноста на граѓаните и граѓанските здруженија за состојбата. Значи мора да најадат начин како еден од родителите да се вработи, бидејќи овие пари кои децата ги заработуваат на улица едноставно се неопходни за егзистенција на семејството. Ако се вклучат децата во училиштето ќе имаме едно дете помалку на улица и на тој начин ќе го решиме тој круг на неписменост, исклученост од образование, злоупотреба

Центрите за социјална работа околу проблемот со питачењето не даваат точни информации колку деца, посебно во летниот период се на улица, односно според нивните информации се добива впечаток и дека нема деца кои питачат. Змијанац вели дека отсуствува функционалност во нивното работење.

Центрите за социјална работа имаат проблем бидејќи не се доволно екипирани и не се доволно на терен. Имаме проблем и во училиштата што немаме социјален работник кој ќе ја детектира состојбата во семејството за да може да превенира одредена злоупотреба. Она што мислам дека е важно да се нагласи дека има работа и за трудовите и просветните инспектори. Има сезонски работници, деца, кои во мај и во сепртември отсуствуваат од училиште за да можат да одат и да заработат за семејството, а просветните инспектори да ја дефинираат состојбата на тие деца кои се на улица зошто не се на училиште“.

Од „Меѓаши“ велат дека тие како прва светска детска амбасада, заедно со новинарите и граѓанските здруженија вршат еден огромен притисок врз институциите на државата, да одговорат на највисок начин според стандардите кои ги има Р. Македонија превземено во однос на Конвенцијата за правата на детето и нејзиното спроведување во пракса.