Skip to main content

Охриѓани забрзано се подготвуваат за големиот христијански празник-Рождество христово-Божиќ

Охриѓани забрзано се подготвуваат за големиот христијански празник-Рождество христово-Божиќ. Најраздвижено денес беше на градскиот пазар. Понудата на пазарот голема, но побарувачката мала. За тоа пред се е заслужен малиот буџет на граѓаните и високите цени на производите.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Пред Божиќ, зад Божиќ кај да си дома да си. Оваа стара поговорка се кажува и денес и не само тоа таа и се применува. Сите православни христијани за најголемиот празник Божиќ, кога се слави раѓањето Христово се во своите домови со најблиските, правејќи ги сите оние обичаи и симболи поврзани со овој ден. Празнувaњето на Божиќ започнува да се слави со Бадник, денот пред Божиќ охриѓани забрзано се подготвуваат за достојно да ги дочекаат овие убави денови. На градскиот пазар денес беше прилично раздвижено. Се купуваше овошје, зеленчук, костени, ореви и се она што е посно за да се направи свечената бадникова трпеза. Понудата на градскиот пазар голема, но побарувачката мала. За тоа пред се е заслужен малиот буџет на граѓаните и високите цени на производите.

Само за пример 1кг костени чинат од 200 ден. кг мандарини се 70 ден, три кг. портокали се продават по цена од 100 ден., 1кг чистени ореви се од 500 до 600 ден., 1 кг тиква е 20 ден, бананите се 60 ден., урмите 60ден., а смоквите 40 ден. Денес на пазарот се продаваа и бадникови гранчиња по цена од 10 до 20 ден.

Граѓаните велат дека и покрај немаштијата ќе смогнат сили да го направат адетот за престојните празници.


Инаку рано изутринава, на Бадник децата одеа по куќи и пееја коледарски песни пред домаќините. Тие ги симболизираат ангелите, а пеењето по куќи значи дека веста за Христовото раѓање ќе се прошири насекаде. Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. За време на Бадник се пали и коледарски оган, кој е поврзан со обичајот, наречен Коледица или Коледе.