Skip to main content

Се санираат потпорните ѕидови во стариот дел од градот

Локалната ја ангажира фирмата Бокоп за да врши санирање на потпорните ѕидови во стариот дел од градов, а и прередување на гранитните плочки. Веќе се работи на потпорниот ѕид на патниот правец кон Горна порта, на пресекот на улиците “Нада Филева“ и „Кирил и Методиј“ каде состојбата е најалармантна.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Се санираат потпорните ѕидови во стариот дел од градот. Поголемиот дел од нив поради временските услови и нивната дотрајаност попуштаат. На некои места направени се вистински свлечилишта. Најалармантна е состојбата на патниот правец кон Горна порта, на пресекот на улиците “Нада Филева“ и „Кирил и Методиј“, каде има и интензивен сообраќај и поголема оптовареност на теренот. Од Локланата велат дека интензивно се работи на терен да се санира овој потпоре ѕид.

Она што можам сега дефинитивно да го кажам е дека на јавен повик е избрана фирма која ќе ги врши градежните зафати. Тоа е фирмата „Бокоп“ која ќе работи на реконструкција и санација на тие потпорни ѕидови. Денес веќе се работи на потпорниот ѕид на патот кон Горна порта и мислам дека во догледно време тоа ќе биде завршено, вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локалната самоуправа.

Договорот кој Локалната го има склучено со фирмата „Бокоп“ е во висина од 6 891 589 денари и ова е рамковен договор кој ќе се исполнува со претходно добиен налог од Секторот за комунални дејности патишта и сообраќај. Во наредниов период доколку дозволуваат временските услови ќе се интервенира на потпорните ѕидови и на други локации во Стар град, посебно во Месокастро. Целта е да се заштитат стамбените објекти, но и коловозите каде има лизгање на земјиштето, но и да се изврши преуредување на гранитните плочки на уличките.

Можам да кажам дека во наредниот период ќе има повеќе зафати во стариот дел на градот, а според програмата на Секторот за сообраќај, улици и патишта ќе се работи и во други делови од градов, објаснува Џамтоски.

Инаку, минатата локална власт во неколку наврати интервенираше на потпорните ѕидови во стариот дел од градот како и на уличките кои се наоѓаат таму. Беше асфалтиран дел од улицата Кирил и Методи, а исто така на неа беше изграден и потпорен ѕид во должина од 150 метри. Беа поплочени улиците пред Св. Софија, уреден паркингот кај Долни Сарај , а се интервенираше и на уличките во Канео. Уредувањето на инфраструктурата во стариот дел од градот е една од поважните заложби и на оваа локална власт земајќи го во предвид фактот дека таму се наоѓаат најголемиот дел од културно-историските споменици кои ги посетуваат туристите па градов треба да се прикаже во најдобро светло.