Skip to main content

Отворена изложба на охридски фотографи со мотиви од Охрид

 Во рамките на проектот „ Од 20 до 20 сите во Охрид“ отворена изложба на  охридски фотографи со мотиви од Охрид. Млади уметници, пак на градскиот плоштад  цртаа графити. Со овие активности на отворено е збогатена културната и туристичката понуда на градот. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во пресрет на Водици и градот активно е вклучен со организирање на бројни културно забавни содржини за охриѓани и сите посетители. Во рамките на проектот „ Од 20 до 20 сите во Охрид“ денес на малото плато кај поранешнаат библиотека беше отворена изложба на фотографии со мотиви од Охрид. Изложбата ја отвори Живка Ангелоска, претседател на општинскиот Совет, која меѓу другото кажа, дека изложените фотографии ја потврдуваат синтагмата дека една слика заменува 1000 зборови.

„ Благодарение на фотографиите на 12-те мина охридски сликари , Петар Паунче, Димче Коруноски, Игор Нически, Емил Јовановиќ, Маријана Пипилева, Александар Станковиќ, Димитар Чавкулоски, Антонио Стаматовски, Петар Боев, Кирил Димов, Томе Љушев и Даниел Јовески, денес имаме ретка можност духот и убавините на Охрид да ги видиме и почуствуваме од еден друг агол“, кажа Ангелоска.

Охрид со своите раскошни природни убавини е неисцрпна инспирација за фотографирање , велат Петар Паунче и Димче Коруноски двајца фотографи чии дела се наоѓаат изложени на малиот плоштад покрај езерскиот брег. Тие ги поздравуваат организаторите на проектот за одличната можност охриѓани и гостите кои престојуваат во Охрид да уживаат во убавините на околината и градот од различни временски периоди.

„ Охрид е премногу инспиративен.Има многу прекрасни места за сликање и едноставно е неисцрпна инспирација за уметниците“, вели Паунче.

„ Стварно има секојдневно да се слика дури и исти мотиви секогаш се различни. Охрид има прекрасни моменти за снимање на фотографии“, дополнува Коруноски.

За збогатување на културните содржини во градот со проектот беа ангажирани и неколку млади уметници. Тие на градскиот плоштад цртаа графити.