Skip to main content

Во Охрид се множат туристичките агенции ама голем дел од нив не се активни

Во Охрид се множат туристичките агенции ама голем дел од нив не се активни. Туристички агенции кои активно работат ќе бараат измени во Законот за туристичка дејност. Измените ќе се однесуваат и за времетраењето на издавање на лиценци за работа, но се предлагаат и многу други измени со кои ќе се попрaваат одредени законски слабости. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во пораст е бројот на лиценцирани туристички агенции во Охрид. Во јавноста се споменува број од 25 -тина лиценцирани агенции. Некои од нив не се познати, а некои работат од дома, посочуваат туристичките агенти кои се долги години во оваа дејност. Сега ќе се бараат измени во Законот за туристичка дејност во делот за лиценцирање на агенциите. Агенциите да не ги добиваат лиценците трајно, туку да имаат ограничено времетраење, укажува Олег Маленко, долгогодишен туристички агент од ТА „Виспој“.

„Има доста пропусти во Законот каде ќе се лиценцираат па ги испуштаат вработените затоа што лиценцата е трајна и си работат од стан, подрум или едноставно од улица. Тоа не е коректно“, вели Маленко.

Новоотворените туристички агенции на некој начин се нелојална конкуренција на постоечките. Измените во Законот за туристичка дејност ќе се бараат преку Стопанската комора за туризам и угостителство каде што се регистрирани туристичките агенции.

„Ние кои работиме долги години имаме вработени, ги исполнуваме сите услови, а некој го заобиколува тој Закон. Мислам дека е добра иницијативата на што пократок рок да се продолжува лиценцата“, појаснува Маленко.

Законските измени ги предлагаат експерти од туризмот со цел да се отстранат некои законски пропусти за да се подобри работата на агенциите. Предложени се усогласување на Законот за туристичка дејност со Законот за превоз на патен сообраќај, затоа што со постоечките надлежности секој превозник може да врши и туристичка дејност, но туристичките агенции не можат да бидат превозници. Потоа ќе се бара измена на Правилникот за субвенционирање, начинот, висината и видот на субвенции за странски органзиран промет, како и за условите на патување кои не се во согласност со меѓународните прописи и стандарди.