Skip to main content

Охриѓанка изгоре во пожар

Охриѓанка изгоре во пожар. Пожарот  избувнал рано утрово во стан во зграда на булеварот „Туристичка“ каде сега починатата живеела сама. Најверојатно причината за пожарот е отпушок, односно невнимание.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Седумдесет годишна охриѓанка изгоре во пожар. Пожарот избувнал во стан во зграда на булеварот „Туристичка“, рано утрово каде жената која била неподвижна живеела сама. Пожарот го пријавиле соседите.

Дојдов јас утрово на работа, јас тука работам, видов чад, соседката повика помош и излеговме сите. Сакавме да ја спасиме жената, но не успеавме. Викнавме брза помош и пожарна, дојде и полиција, но не успеаја да ја спасат жената. Жал ми е многу. На брзина се се случи, вели соседка која била очевидец на настанот.

Противпожарната служба пристигнала во 7часот и 15 минути, по што пожарот бил брзо локализиран и изгаснат. Интервенирано е со две противпожарни возила и со шест пожарникари.

Првични неофицијални, непотврдени информации бидејќи немаме такви овластувања најверојатно пожарот е настанат од отпушок од цигаре. Информациите не се потврдени, а се базираат само на она што го затекнавме на лице место, вели Горан Маркоски, заменик командир на ТО ПЕ.

Причините за несреќата ги истражува Јавното обвинителство, а надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид излегло на увид на лице место заедно со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи.

Веднаш по добивањето на информацијата за случен пожар во стан на Булевар „Туристичка“ оформена е екипа од СВР Охрид и криминалистичката техника и направен е увид. Утврдено е дека најверојатно причината за пожарот е отпушок, односно невнимание, рече Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Во насока на утврдување на причините за настанатиот пожар, јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на траги од лице место врз кои претстои вештачење. Ангажирани се стручни лица за вештачење на електричната инсталација во станот, како и екипи на крим техника. Основното јавно обвинителство Охрид издаде и Наредба за вршење на обдукција над телото на починатата.

Инаку во јануари месец оваа година противпожарната единица од Охрид имала 41 интервенција, од кои 33 на објекти, 8 на отворен простор и една на патничко моторно возило. Најчесто интервенциите се на објекти и се должат на неисчистени оџачки канали па затоа пожарникарите апелираат до граѓаните да бидат посовесни и свесни каква опсност ги демне и да ги чистат оџаците навреме