Skip to main content

Мерко: За два месеци ќе се реши проблемот со дивата депонија во Струга

За два месеци ќе се реши проблемот со дивата депонија во Струга. Ова е ветување и приоритет на градоначалникот Рамиз Мерко. Со пари од буџетот ќе се подига и транспортира сметот на Дрисла.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Новата локална власт во Струга за брзо време ќе го реши најгорливиот проблем на оваа општина. Дивата депонија која минатово лето беше потпалувана, а чадот ги труеше стружани па и гостите кои решиле во овој туристички центар да го поминат својот одмор, до на лето ќе биде исчистена, а просторот ќе биде среден. Ова е приоритет на новиот градоначалник Рамиз Мерко.

За два месеци ќе има решение на овој проблем. Од буџетот на општината се предвидени 200 000 евра за подигнување на сметот од депонијата и транспортирање во единствената легална депонија во државава, Дрисла. Веќе е склучен и договор , вели Мерко.

Локалната на Струга во периодов што престои ќе ја обезбедува и колку толку ќе ја уредува оваа дива депонија. Планирано е од кога ќе се подигне сметот таа да се покрие со муљ кој ќе се извади од коритото на реката Дрим кое пролетва ќе се чисти. Мерко кажува дека проблемот со дивата депонија не е од вчера тој датира уште од 2005год. Затоа и додека бил министер во претходната Влада на РМ се залагал за решавање на овој горлив проблем за стружани.

Додека бев министер успеав заедно со моите соработници да издејствуваме ад добиеме 200 000 евра со кои ќе купиме машина за балирање на сметот. Сега сме во фаза на објавување тендер за купување на таа машина така да во иднина нема да има смет на оваа депонија, тврди струшкиот градоначалник.

Инаку, Мерко кажува дека десеттина познати светски компании се заинтересирани да стопанисуваат со сметот во Општина Струга. Со негова преработка би се добивал гас или електрична енергија. Овој проект е посложен, но може да се реализира, вели тој. Проблемот со депонирањето на сметот станува веќе алармантен бидејќи целата држава е преплавена со диви депонии кои не задоволуваат никакви стандарди за одлагање смет. Додека не се изгради долго најавуваната регионална депонија општините ќе мора сами да се снаоѓаат и ад се справуваат со сметот.