Skip to main content

ОК на ВМРО ДПМНЕ обвинува дека СДСМ продолжува со партиски вработувања

ОК на ВМРО ДПМНЕ обвинува дека СДСМ продолжува со партиски вработувања и политички реваншизам. Велат дека оваа власт е олицетворение на непотизам и нестручни кадри, активисти и партиски војници, роднини на функционери, претходно избркани од работа и дека СДСМ започнала да воспоставува режим во Охрид.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охридската ВМРО ДПМНЕ денес со нови обвинувања упатени кон СДСМ. Велат дека партијата на власт продолжува со партиски вработувања и политички реваншизам и како што Дамјан Манчевски јавно признал СДСМ ги прекинала привремените договори на вработените во јавниот сектор, и распишала нови огласи за привремено вработување.


Неспособната антиреформаторска СДСМ продолжува со чистките и бруталната партизација во Охрид преку вработување на нивни партиски војници. СДСМ продолжува со својата политичка одмазда и во континуитет брка луѓе од работа, како што всушност и одамна најави партискиот лидер Зоран Заев дека „ќе јаде живи луѓе“ и „ќе брка од работа од чистачка до министер“, вели Перчо Божиноски-портпаролот на ОК на ВМРО ДПМНЕ.


Од ОК на ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ без работа оставила осум од вкупно 20 припадници на резервниот состав при Министерството за внатрешни работи, ангажирани преку СВР Охрид.


СДСМ и СВР Охрид официјално да објаснат зошто полициските резервисти се избркани од работа? Како може да им кажат дека немало повеќе потреба од нив, а истовремено ангажираат други осум лица на нивно место? Дали новите лица се со чисто криминално досие, прашува Божиноски.

Оваа власт е олицетворение на непотизам и нестручни кадри, активисти и партиски војници, роднини на функционери, претходно избркани од работа, тврдат од ОК На ВМРО ДПМНЕ. Додаваат дека за кратко време, СДСМ започнала да воспоставува режим во Охрид.