Skip to main content

Владата на РМ ќе го послуша УНЕСКО

Владата се откажува од проектот за изградба на ски центар на Галичица, се стопира и проектот за изградба на патот А3 на Галичица,  таа ќе изврши мониторинг на Охридското езеро и стабилизирање на нивото на водата. Ова е само дел од извештајот во кој  Владата на РМ му го објаснува на УНЕСКО напредокот во имплементацијата на препораките од Реактивната мониторинг мисија на организацијата за заштита на природното и културното светско наследство.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Извештајот на Владата на РМ во кој му го објаснува на УНЕСКО напредокот во имплементацијата на препораките од Реактивната мониторинг мисија на организацијата за заштита на природното и културното светско наследство, пред очите на јавноста. Македонската влада во овој извештај на 22 страници кој содржи 3 анекси, објаснува дека презела соодветни мерки и активности со кои е отстранета опасноста Охридскиот регион да го загуби статусот на светско културно наследство на УНЕСКО. Владата се откажува од проектот за изградба на ски центар на Галичица, се стопира и проектот за изградба на патот А3 на Галичица, ќе се преиспитува изградбата на железничкиот ПАН Европски коридор8 и автопатот А2. Владата се обврзува дека ќе го финализира Планот за управување со доброто и дека ќе направи подготовки за интегрирана заштита на старото градско јадро во Охрид, ќе формира комисија за управување и координирање на активностите поврзани со културното и природното наследство на охридскиот регион. Ќе развие ДУП за секој од 19те комплекси кои се дел од споменичната целина. Ќе изврши мониторинг на Охридското езеро и стабилизирање на нивото на водата. НУ Хидробилошки завод треба да направи анализа на водата во непосредна близина на дрвените колци од Музејот на вода за да утврди дали има негативно влијание супстанцијата со која се третирани истите врз квалитетот на водата на тој потег. Владата се обврзува да воспостави соработка со Р.Албанија за заштита на езерото. Општината треба да спроведе контрола на процесот на легализација на бесправните градби. Да изработи урбанистички планови за селата кои се наоѓаат во границите на заштитеното подрачје. Да го заштити културното наследство. Да изработи стратегија за туризам. Општина Охрид треба да најде начин за намалување на моторниот сообраќај во стариот дел на градот, како и да направи проект за затварање и чистење на дивите депонии во градот и околината.
Еден од главните приоритети кои ќе придонесат за квалитетна заштита на Охридското Езеро и природните и културните вредности на Општина Охрид во наредниот период, со поддршка на Владата на РМ, се однесува на реконструкција и ревитализација на колекторскиот систем, како и изградба на пречистителни станици во Трпејца и Љубаништа, разгледување на можностите за враќање на реката Сатеска во своето старо корито, заштита на Студенчишкото блато и сл.
Од Владата на РМ велат дека во тесна соработка со Локалната самоуправа веќе ги преземаат сите мерки и активности за исполнување на барањата од УНЕСКО.

Извештајот е подготвен согласно Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за состојбата на заштита на светското наследство – Природно и културно наследство на Охридскиот регион усвоенa на 41та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Краков, Полска. Одлуката беше усвоена врз основа на препораките од Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО реализирана во април 2017 година.

Извештајот е целосно објавен и достапен за јавноста на веб страната на министерството за култура на Р.Македонија.