Skip to main content

Во маркетите се продава мед по смешни цени, кажуваат пчеларите

Во маркетите се продава мед по смешни цени, кажуваат пчеларите. На пазарот цената на големо за килограм мед е 300 денари, а во малопродажната трговија  купувачите купуваат ефтин лажен мед. Се појавуваат и други малверзации со  тежината на медот кој се продава во тегли,  предупредуваат пчеларите. Охридските пчелари одржаа годишно собрание, избраа ново раководство и членови на Управниот и Надзорниот одбор.

 |  Валентина Неловска  | 

На македонскиот пазар нема доволни  количини мед ,а  тоа што се нуди на пазарот е гликоза. Таа не е штетна, но купувачите купуваат скап шеќер без минерали и витамини, предупредуваат пчеларите. Цената на медот на Балканот е по 10 евра за килограм. Кај нас се продава од 400 до 500 денари за килограм и го нема, додека во малопродажба може да се најде за 300 денари за килограм, вели охридскиот пчелар Ицо Китанчев.

„Во маркетите има смешни цени и ќе се прашаме дали е тоа вистински мед. Трговците се користат со една финта и го декларираат тоа што го нудат на пазарот како безбедна храна, а не како мед и добиваат сертификати, и се измамени луѓето бидејќи има други параметри за медот“, вели Китанчев.

Пчеларите сугерираат купувачите да изберат свој матичен пчелар за да ги избегнат махинациите во проджбата на мед. Измами има и во тежината на пакуваниот мед, предупредуваат пчеларите.

„Специфичната тежина на медот е 1,4 и во еден литар волумен собира 1 кг и 400 грама. Теглите кои се 720 грама по 1,4 доаѓа до 1 кг. Зрелиот мед треба да е до навојот на самата тегла се што е под тоа луѓето се измамени. Има различни начини за измама и секој треба да има матичен пчелар“, вели Китанчев.

Охридските пчелари одржаа годишно собрание. Избраа ново раководство и членови на Управниот и Надзорниот одбор.Тие ќе се залагаат да се зголемат субвенциите во пчеларството, кои дел од пчеларите сеуште не ги добиле за 2017 година, да се субвенционира шеќерот за прихрана на пчелите, како и да се продолжи со Националната стратегија за поддршка на пчеларите при набавка на опрема.Во охридското здружение има 45 регистрирани пчелари.