Skip to main content

Опција продолжува со превентивните програми за ХИВ/СИДА

Превентивните програми на граѓанските здруженија и невладини организации за заштита од ХИВ/СИДА целосно ќе ги финансира Министерството за здравство. Минатиов период овие програми буквално висеа на конец бидејќи не се знаеше дали ресорн

 |  Јаковлева Лионела  | 

Министерството за здравство целосно ќе ги финансира превентивните програми на граѓанските здруженија и невладини организации за заштита од ХИВ/СИДА. Здружението на граѓани Опција Охрид е една од 15те организации на ниво на Македонија која доби финансиска подршка од националниот буџет на РМ. Оваа граѓанско здружение веќе 13 години ги спроведува овие превентивни прегледи на територија на Охрид и Струга.

Овие невладини организации успеаја стапката да ја одржат во една нормала. Македонија се смета како една држава во која што стапката на ХИВ СИДА е сведена на минимум. Тоа е секако благодарение на вмрежувањето на невладиниот сектор кој директно и непосредно контактира со целната група, но и благодарение на одредени здравствени установи на ниво на Македонија, вели Јулијана Настоска од Здружение на граѓани Опција- Охрид.

Од националниот буџет вкупно се издвоени 47 милиони денари конкретно за превентивните програми, а за секоја организација буџетот е различен во зависност од тоа која какви активности спроведува, на колку територии и колку клиенти опфаќа. Според експертите, за лекување на пациентите за една година неопходни се 32 милиони, додека 33 милиони денари се потребни за покривање на превентивните програми за половина година. Од 2004 до 2016 год Глобалниот фонд ги финансираше овие програми. Настана проблем кога пред две години заврши грантот и требаше финансирањето на програмите да го преземе Министерството за здравство. Тогаш беше одобрен многу мал буџет за таа намена. После реакциите од невладините организации и здруженија и нивните укажувања дека доколку не се издвојат доволно средства за превенција од ХИВ СИДА бројот на заразени рапидно ќе расте, финансирањето на овие програми целосно го превзеде Министерството за здравство на чело со Министерот Венко Филипче.

Минатиов период овие програми буквално висеа на конец бидејќи не знаевме дали Министерството за здравство ќе застани позади нив. Се покажа дека министерот и тимот имаат слух за овие програми кои се повеќе од значајни не само на локално ниво туку и на национално, вели Јулијана Настоска од Здружение на граѓани Опција- Охрид.

На територија на општина Охрид во 2013 год. било регистрирано едно ХИВ позитивно лице кое било испратено на соодветно лекување. Сега во нашата општина нема регистрирани ХИВ позитивни.