Skip to main content

Отпадот кој го исфрла езерото може драстично да се намали

Со поставување решетки на устијата на реките во охридско, ќе се намали количината на отпад во езерото, сметаат од ЈП „Охридски Комуналец“. Идејата е добра ако се гледа само од тој аспект, укажуваат охридските еколози.

 |  Николоска Биљана  | 

Отпадот кој деновиве го исфрла Охридското Езеро може драстично да се намали доколку се постават решетки на сите водотеци, реки и суводолиции на подрачјето на нашата општина. Во моментов еден ваков проект кој го изготви Локалната самоуправа и ЈП „Охридски Комуналец“ е во крајна реализација, информира Стефан Маслов раководителот на јавна хигиена во ЈП „Охридски Комуналец“. Тој кажа дека во рамки на овој проект во ЈП ќе биде формирана посебна служба која ќе се гижи околу одржувањето на решетките кои треба да се постават на устието на реките.

„Ќе се намали повеќе од 90% количината на отпад кој секоја година во истиов период завршува во Охридското Езеро. Оваа појава не е само годинава и се провлекува години наназад“.

Еколозите пак имаат свој став во врска со реализација на проектот за поставување решетки на устијата на реките. Тие сметаат дека од една страна тоа е добро бидејќи ќе го сопрат влезот на големиот механички отпад во Охридското Езеро, но, од друга страна пак, тие решетки би го попречиле мигрирањето на рибите, односно би биле попречени рибните патишта, посочува Ѓоко Зороски од Еколошкото Друштво „Грашница“.

„Знаеме дека рибите мигрираат како во Коселска така и во Сатеска река. Патрмката ја имало дури до Белчишко Блато што значи дека не можеме ние да го стопираме природното движење на рибите. Проблемот треба да се реши пред се со подигање на јавната свест на населението и зголемување на казнената политика но и со селекција на отпадот, доколку имаме подобрена селекција ќе имаме помалку депониран отпад“.

Во моментов за реализација на проектот за поставување решетки на устијата на реките се прави сондажа за тоа колкав број на жители гравитираат покрај самите реки, дали има индустриски загадувачи, а се мерат и пристапните патишта кои се по должината на реките, со цел да се процени колку прегради треба да бидат поставени.