Skip to main content

Охрид СОС: Продолжува издавањето на одобренија за градење на охридското крајбрежје

Продолжува издавањето на одобренија за градење на охридското крајбрежје, обвинуваат активистите од граѓанската иницијатива Охрид СОС. Градоначалникот на Охрид пак, Јован Стојаноски вели категторичен дека мораториум за градење нема.

 |  Николоска Биљана  | 

Не е испочитувана една од една од клучните препораки на УНЕСКО: прогласување на мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, обвинија деновиве активистите на граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Може да се забележи дека се продолжува со градењето и издавањето одобренија за градење на крајбрежјето, а легализацијата на бесправно изградени објекти се практикува во континуитет со што урбанизацијата во регионот слободно може да се констатира дека се одвива неплански. Индикативно е натамошното издавање одобренија за градење и градењето врз основа на т.н. Општ акт за село Лагадин, врз основа на кој беше издадено и одобрението за градба на спорниот хотел во Лагадин. Крајно неразбирливо е како наместо со урбанистички план уредувањето на градењето на вака значаен дел од крајбрежјето се регулира со Општ акт, кој претставува уредба со која се даваат насоки за градење во села и подрачја за кои нема и никогаш не бил изработен урбанистички план (се носи, како на пример, за селата во охридско – Сирула, Плаќе, Опеница, Куратица), но не и да се носи за Лагадин бидејќи за Лагадин постоел и постои урбанистички план.

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски вели дека мораториум за градење нема, туку едноставно станува збор за препораки на УНЕСКО да се донесат урбанистичките планови за 19-те региони во старото градско јадро, додавајќи дека тоа не значи дека нема да има одобренија за градба за оние објекти кои се во согласност со актуелните урбанистички планови и за оние кои одговараат на амбиентот на Охрид

„Мораториум нема, можеби и ние би биле среќни да има мораториум да се средат ситуациите да се консолидира урбанистичкото планирање и понатака да продолжи во оној посакувам правец. Но во овој нити според закон нити препораките на УНЕСКО се да има мораториум за градење“.

Активистите на Охрид СОС укажаа дека на хотелот во Лагадин се вршат активности и покрај неколкуте забрани. Стојаноски во врска со овој проблем истакна дека хотелот не може да се гради затоа што му е одземено одобрението за градење. Тој пренесе дека општите акти биле поништени со донесувањето на новиот закон, а ако се мисли конкретно на одобрението за градење на хотелот во Лагадин била донесена одлука со која се поништува одобрението. Како што кажа Стојаноски понатаму постапката оди на второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски, ако и тие одлучат исто, тогаш останува на инвеститорот да поведе управен спор.