Skip to main content

Продолжување на рокот на договорот за закуп бараат концесионерите на плажите

Концесионерите на плажите бараат продолжување на временскиот период за кој плажите се издаваат под концесија. Ова е само едно од неколкуте барања поставени на денешната прва средба со градоначалникот Јован Стојаноски. Тие исто така побараа да се изедначат правата на индивидуалните концесионери со правата на хотелите при земањето под закуп на плажите, обесштетување од поплавите пред неколку години. Градоначалникот пак со предлог, концесионерите да се здружат во Асоцијација со цел да можат организирано да делуваат и кон локална и кон централната власт.

 |  Николоска Биљана  | 

Досегашните и идните концесионери на охридските плажи денес одржаа средба со градоначалникот Јован Стојаноски. Нивната оценка за средбата беше позитивна и очекуваат решавање на проблемите со кои се соочувале во изминатите години. Дел од нив укажаа, дека иако плажите на концесија се добиваат на 5 години, тие во рок од 10 години пет пати излегувале на јавни наддавања кои биле организирани од централната и од локалната власт.

Нашето главно барање е продолжување на концесиите на подолг период како и тоа да се има во предвид сите досегашни инвестиции за луѓето кои го направиле тоа да имаат предност при конкурирањето на тие плажи“

Илија Џепароски е првиот концесионер кој пред 15 години уреди плажа на охридското крајбрежјето во близина на Лагадин. Тој посочи неколку забелешки за кои смета дека градската власт треба да одговори.

Побарав од Локалната самоуправа за плажата Лагадин за која јас бев концесионер до пред една година, се третира исто како и другите. На другите е дозволено да има ресторани, кафулина а плажите кај Лагадин се исклучиво отворени плажи, така да ние сме во една непријатна состојба да мораме да плаќаме закуп за цела година а работима само ако времето е добро односно два месеци во сезона“.

Градоначалникот Стојаноски заедно со претставниците од Секторот за урбанизам ги слушна барањата на концесионерите и предложи концесионерите да се здружат во Асоцијација, со цел да можат организирано да делуваат и кон локалната и кон централната власт, посебно во делот за законски измени за продолжување на рокот на договорите за закуп.

„Во нашите наредни состаноци, бидејќи ние мора да ги почитуваме концесионерите, кои се креатори на развојот на туризмот во Охрид ќе ги отвориме прашањата и за некои нивни нерегулирани односи како што тоа денес беа за нерегулирани обврски од страна на Локалната самоуправа кон нив“.

Градоначалникот Стојаноски кажа дека ова е само една од предвидените неколку средби и дека на прашањата кои денес до него ги упатија концесионерите ќе им биде одговорено во најкраток можен рок во писмена форма. Тој наредната средба ја закажа за две седмици на која се очекува да бидат отворени и други прашања, меѓу кои и оние околу обврските на концесионерите и нивното почитување на одредбите од договорите.