Skip to main content

Куварите од охридското угостителско училиште подготвија традиционални специјалитети

Куварите од  средното охридско  угостителско училиште самостојно подготвија вкусни традиционални специјалитети. На трпезата се најдоа охридскиот чомлек, комад, питулици, тавче гравче, велешка пастрмајлија. Младите кувари потврдија дека добро го испекле занаетот  и се подготвени со љубов да ја работат избраната  животна професија. 

 |  Валентина Неловска  | 

Осум млади кувари од трета година при СУД „ Ванчо Питошески“ ги покажаа своите вештини и знаења во подготвување на традиционални специјалитети. Во училишната кујна вредно подготвија по сопствен избор вкусна храна. На тој начин ги потврдија своите вештини и знаења стекнати за време на школувањето.

„Сите јадења кои се подготвени овде се наша замисла. Наш избор. Подготвивме велешка пастрмајлија, охридски чомлек,охридски комад, раванија, селско месо, питулици“, вели Кристијан Китанов од Градско.

Мирсада Фејзулоска љубовта кон готварството ја стекнала од својот дом. Таа го подготви охридскиот комад, а ја сподели и техниката на подготовка по рецепт на нејзината мајка.

„Денес правев комад. Потребно е брашно, сол, квасец. Тестото се меси не многу тврдо. Се прават топчиња 5 со 4. Пет за долниот дел, а 4 се за горе. Се расукуваат ,врз долниот дел се става смеса по желба .Може да биде од јајца и сирење. Се става смесата па другото тесто од горе, појаснува Фејзулоска.

Охридскиот чомлек беше дело на Бесад Џемили од Дебар, ученик во Ванчо Питошески. Младиот кувар би сакал во иднина да биде во оваа професија.

„ Ќе видиме додека завршиме. Животот има многу изнадувања , повеќе – помалку. Секој не може да го работи овој профил. Кој има искуство, сака и знае. Желбата на човекот се прави“,вели Џемили.

Ангел Карбески од Прилеп, вели дека е сигурен во својот избор да се бави со готварство и понатака. Негова желба е да го продолжи школувањето, а е задоволен од досегашното школување во угостителското училиште Ванчо Питошески.

„ Задоволни сме од професорите, од практичната настава. Теоријата е исто така важна. Од професорите сме најмотивирани, а посебно од професорот по практична настава“, вели Карбески.

Учениците од профилот кувар работеа под менторство на професорот по практична настава Војо Ангелоски. Во средното угостителско училиште за профилот кувар се школуваат околу 50тина ученици. Покрај охридските ученици , голем дел од нив доаѓаат од Дебар, Жупа, Прилеп, Градско, Кичево, Ресен и од други градови од земјава.