Skip to main content

Европски пари за поголема конкурентност во туризмот

18 милиони евра европски пари ќе им бидат на располагање на општините, организациите од туристичкиот сектор , образовни установи и центри за обука за проекти за подобрување на конкурентноста во туризмот. Огласот за аплицирање е отворен денеска, а изјавување на интерес општините и сите чинители од сферата на туризмот треба да пројават најдоцна до 30 април годинава.

 |   | 

Со 18 милиони евра грант од Европската унија преку ИПА 2 програмата и учество на Владата од 3,2 милиони евра ќе се подобрува локалната конкурентност во туризмот во Македонија.  Средствата ќе се доделуваат преку Програмата за локална и регионална конкурентност која се спроведува како партнерство помеѓу Владата на РМ , ЕУ и Светската банка.
Марко Мантованели , Директор на Канцеларија на Светска банка за Македонија и Косово, Европа и централна Азија , денеска на прес конференција во Владата, кажа дека се надева на сите им е јасно зошто конкурентноста во економијата во Македонија ја гледаат преку развојот на туризмот.
 

„Ова е преубава земја со голем потенцијал и заслужува да биде позната во целиот свет. Но уште поважно, според студија на Светската банка, туризмот е вистинската движечка сила на развојот“.- изјави Марко Мантованели – Дир. на Канцеларија на Светска банка за Македонија и Косово (Европа и централна Азија)

Проектот е во фаза на имплементација и од Европската унија очекуваат во следните 18 месеци  локалните самоуправи да работат деноноќно и напорно за да се постигнат посакуваните резултати а тоа е поголема конкурентност во туризмот. Само природната убавина е предуслов но не е сама по себе доволна за развој.  

„Прво што забележувам кога шетам е тоа што нема знаци, сигнализација. Има многу отпад, диви депонии покрај патиштата. Ова мора да запре. Оваа земја и овој народ  заслужува многу повеќе, подобри услови за развој на туризмот“-изјави Никола Бертолини -Раководител Сектор за соработка во Делегацијата на Европската Унија.

Општините ќе можат да аплицираат пред се со проекти од областа на инфраструктурата и ќе можат да добијат средства до 1 милион евра европски пари доколку настапуваат сами или 3 милиони евра ако настапуваат регионално. За организациите од туристичкиот сектор , образовни установи и центри за обука грантот изнесува изнесува 50 илјади евра за еден барател или до 150 илјади евра за два и повеќе баратели.   90% од средствата ќе бидат неповратни а 10%сопствено учество.

„Сакам да ги охрабрам сите чинители во туристичкото живеење во Р Македонија, општините, туристичките оператори, односно економските оператори во делот на туризмот, како и граѓанските здруженија и асоцијации кои што се занимаваат со туризам  да аплицираат во оваа програма. Таа ќе биде транспарентна. Ние ќе се потрудиме колку што можеме повеќе да биде визибилна за сите нив за да даде колку што може повеќе ефект на крајот.“ -изјави Кочо Анѓушев – Вицепремиер за економски прашања.

Огласот за аплицирање е отворен денеска, а изјавување на интерес заинтересираните треба да пројават најдоцна до 30 април годинава. Квалификуваните братели ќе започнат со подготовка на целосни предлози до 28 мај годинава, а поднесување за целосни предлози за инфраструктурни инвестиции ќе биде до 6 август, за организации од туристичкиот сектор, образовните установи и центрите за обука до 16 јули, а за локални микро и мали претпријатија до 23 јули годинава. Приоритет, како што истакна вицепремиерот Анѓушев, ќе имаат општините кои веќе имаат готови проекти.