Skip to main content

Борис Стојоски 76 пати ја дарувал својата скапоцена течност

Општинската организација на Црвениот крст го одбележа денот на крводарителството на Република Македонија. Тие и оваа година го реализираа планот на крводарителни акции, а радува фактот што се поголем број крводарители се млади луѓе. Беа доделени признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Борис Стојоски 76 пати ја дарувал својата скапоцена течност. Тој сега има 59 години, а крв дарува веќе 38 години. Вели дека ќе биде крводарител се дури може и дури го служи здравјето, а на младите им препорачува да не се двоумат и да станат дел од семејството на крводарители бидејќи тоа е една многу хумана мисија.


Нема што да се двоумат тоа е нешто најблагородно, со дарувањето крв спасуваме живот, а добро е и за самиот крводарител бидејќи се обновува крвта, вели Стојоски.


Борис доби благодарница за континуираното дарување крв и помагање на оние на кои тоа им е потребно. Општинската организација на Црвениот крст денес пригодно го одбележа денот на крводарителството на Република Македонија. Претседателот Сашо Точков рече дека изминатава година реализирале голем број крводарителски акции со различни категории граѓани. Имаат преку 1000 крводарители, а околу 40% од нив се младинци што посебно радува.


Задоволни сме од она што го постигнавме во 2017 год. Со преку 16 крводарителни акции и ги задоволивме потребите од крв и крвни продукти во здравствените институции во Охрид, но и во регионот. Продолжуваме и понатаму и ги охрабрувам сите оние кои можат да ја покажат својата хуманост и да даруваат крв бидејќи нема поблагородно чуство од спасување човечки живот, вели Точков.

Претседателот на Општинската организација на Црвениот крст јавно им искажа благодарност на сите крводарители кои несебично ја даруваа драгоцената течност која живот значи.На пригодна свеченост им беа доделени признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството.
Од ОО на Црвен Крст упатија особена благодарност до медиумите за придонесот во унапредувањето и развојот на крводарителството во РМ.