Skip to main content

Новини во активните мерки за вработување

Оперативниот план за вработување на Владата на Р. Македонија за 2018 година е со посебен акцент на младите. Тое е со цел младата популација да ја задржиме и активираме во работниот процес на нашата земја, велат од Центарот за вработување Охрид.

 |  Николоска Биљана  | 

Со цел зголемување на вработеноста, Агенцијата за вработување и оваа година излезе со новини во активните мерки. Оперативниот план за програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд нуди шанса за сите категории невработени лица како и можности за самовработување, обуки за стекнување на нови вештини, поддршка на работодавачите и други мерки. Директорката на Центар за вработување, Охрид Маја Ташева Биткоска посочи една од новите мерки која за прв пат годинава се спроведува како законско решение.

 „Ќе се обучуваат персонални асистенти за лица со посебни потреби кои ќе помагаат по 4 часа во текот на денот во нивните домашни обврски а ако се вработени ќе можат да асистираат и во текот на работниот процес. Тука исто така ќе има паричен надомест, но со тоа што се одбрани центри каде ќе се одвиваат обуките, Битола, Струга, Куманово, Неготино, Гостивар, Струмица и Скопје, што не значи дека не ќе можат да се пријават лица од нашиот град“

Биткоска исто така најави уште новина која за прв пат годинава влегува во активни мерки за вработување, односно атрактивната обука за банкарство, спроведена од Академијата за банкарство и информатичка технологија .

 „Ќе бидат опфатени 100 лица на ниво на Македонија, каде што ќе има претходно тестирање за нивните способности и интереси и потоа ќе влезат во потесен круг лицата кои ќе ги поминат сите тестирања. Обуката ќе се одвива во Скопје тоа е мал хендикеп за нашите невработени лица бидејќи треба да си овозможат престој и посета на обуката, но да се надеваме дека ќе ги спуштата на локално ниво во следниот период во зависност од интересот на невработените лица за оваа обука“ 

Инаку, и понатаму течат мерките, неповратни средства за самовработување од 246.000 до 615.000 денарари, поддршка за ново вработување од 92.000 до 768.750 денари за микро, мали и средни фирми, социјални претпријатија и граѓански организации, поддршка за вработување на лица со попреченост, обуки на работно место за познат работодавач,з а стручни квалификации според барања на работодавачи, за побарувани занимања и занаети, практиканство како и други мерки и услуги кои се реализираат преку Агенцијата за вработување на РМ, наменети за зголемување на вработеноста и вработливоста на евидентирани невработени лица.