Skip to main content

Невремето во Охрид повторно ја актуелизира темата околу реката Сатеска

Невремето во Охрид повторно ја актуелизира темата околу реката Сатеска. Екологистите и научните работници од Охрид деновиве дебатираат за тоа дали конечно треба да се исправи грешката од 60-тите години, кога реката Сатеска е пренасочена во Охридското Езеро наместо во Дрим каде и бил нејзиниот природен влив. И Локалната сериозно се заложи за решавање на овој децениски проблем.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Невремето кое во саботата го зафати Охрид и штетите кои ги претрпеа некои граѓани поради високите бранови предизвикани од силниот ветар, на површина исфрлија проблеми околу езерото кои се провлекуваат години наназад. Повторно се актуелизира темата околу реката Сатеска. Екологистите и научните работници од Охрид деновиве дебатираат за тоа дали конечно треба да се исправи грешката од 60-тите години, кога реката Сатеска е пренасочена во Охридското Езеро наместо во Дрим каде и бил нејзиниот природен влив. Со тоа Сатеска не само што е еден од најголемите загадувачи на езерото туку при вакви обилни врнежи од дожд носи и голема количина вода со што значително го подигнува неговото ниво.

Оптимално решение не постои, но како избор на едно варијантно решение е да се преземат најпрвин антиерозивни мерки во целото сливно подрачје на реката Сатеска и да се остави алтернативен пат. Да се задржи и старото корито, но и да се пренасочи во реката Црн Дрим што значи дека контролирано би се испуштала вода во Охридското езеро за време на период на низок водостој, а би служела и како река за евакуација на големи води кога има такви периоди, вели Ѓоко Зороски од ЕД „Грашница“.


Иако се уште постојат спротиставени ставови и мислења за идејата за враќање на Сатеска во старото корито најголем дел од експертите даваат зелено светло зa еден таков проект. Објаснуваат дека наносите од песок, градежен шут, отпад, тешки метали и фосфор што со себе ги носи оваа река влијаат не само врз природниот еко-систем на езерото, туку преку синџирот на исхрана директно врз човекот и неговото здравје. Затоа Локаланата сериозно се заложи за решавање на овој децениски проблем.

Она што сега во овај момент можеме да го кажиме е дека сериозно се заложивме Сатеска да се врати во првобитното корито. Направени се широки анализи и консултации со компетентни стручни лица и институции и водиме интензивни разговори и подготовки, а од УНДП имаме сериозна подготвеност да го финансираат проектот з враќање на Сатеска во старото корито, вели Томе Џамтоски-портпарол на Локланата самоуправа.

Инаку водостојот на езерото по последните врнежи од дожд е релативно висок. Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи нивото е три сантиметри над дозволениот максимален водостој. 693,78см. Од ЕЛЕМ кои се задолжени за регулирање на нивото на езерото преку испустот на реката Црн Дрим велат дека нивните екипи се постојано на терен и дека будно се следи состојбата. СЕ испушта онолкаво количество вода колку што е максимално дозволено при вакви услови. Секоја поголема количина вода која ќе се испушти може да предизвика катастрофални последици и да го поплави Струшко поле и делови од Албанија, објаснуваат од ЕЛЕМ. Затоа и за време на бурата што го зафати Охрид и при што се создадоа големи бранови поради силниот ветар и високото ниво на водата во езерото не смееле да испуштаат поголема количина вода како што тоа се шпекулираше во јавноста.