Skip to main content

Влезот во стариот дел преку Горна Порта, блокиран од тешка механизација

Дел од инвеститорите на градежните објекти во Охрид не ретко се случува да забораваат да обезбедат сообраќаен проект. Оваа дозвола е повеќе од потребна посебно за стариот дел на градот, од каде мештаните веќе почнаа да укажуваат дека деновиве тешка механизација влегува во ова заштитено подрачје и предизвикува хаос во сообраќајот, посебно пред Горна Порта.

 |  Николоска Биљана  | 

Влезот во стариот дел на Охрид преку Горна Порта, деновиве го блокира тешка механизација, реагираат мештаните од овој дел на градот. Поесбно возачите посочија дека чекаат и по неколку минути додека помине камионот натоварен со градежни материјали или со градежен шут. Исто така мештаните стравуваат дека поради тежината на товарот што го носат камионите, патот може да попушти. Од Секторот за комунални дејности, раководителот Томе Нанески појаснува дека за старото градско јадро пропишани се одредени правила кои мора секој инвеститор или изведувач да ги применува.

„Возила над 5 тони не се дозволени. Деновиве тие возила за кои реагираат граѓаните ние не сме дале дозвола, дури денеска имавме претставници од инвеститорите кои градат таму некој објект и побараа дозвола за прекумерно користење на патот. Значи ние не даваме дозвола над 5 тони во стариот дел на градот“.

Исто така не ретко се случува на влезот од Горна Порта, возачите да не можат да се разминат поради недоразбирањата што настануваат помеѓу нив околу тоа кој има предност на поминување, бидејќи таму речиси и да нема соодветна сообраќајна сигнализација. Нанески убедува дека работат на решавање и на овој проблем.

Треба да има знак и сигурно имало, но од несовесни граѓани не само тие знаци туку и други сообраќајни знаци се уништуваат се тргаат намерно или ненамерно, незнам. Сега моментално ние имаме објавено тендер за хоризонтално и вертикално обележување на територијата на општина Охрид во најбрз рок ќе поставиме знаци. Но сепак ние не можеме да бидеме чувари на знаците, несовесни граѓани ги тргаат на некој по се изгледа така му одговара

Нанески соопшти дека нова сообраќајна сигнализација ќе се поставува на цела територија на општина Охрид. Тој  смета дека и општинскиот инспекторат но и полициските служби на СВР можеби треба да прават позачестени контроли.