Skip to main content

ФА „Отекс фолк“ со концерт одбележува 3,5 децении постоење

 Фолклорниот Ансамбл „Отекс фолк“  одбележува 3,5 децении постоење. На концертот играорците ќе прикажат  ора и од охридско, но и од останатите краишта на земјава. Учествуваат сите постави на ансамблот и оркестаро, а ќе има и гости од странство.

 |  Валентина Неловска  | 

Играорците од 4 генерации и 2 постави музичари кои биле дел од поранешниот КУД Отекс, а денес ФА „ Отекс- фолк“ одбележуваат 35 години од постоењето. По тој повод сегашните и поранешните членови на ансамблот ќе одржат концерт на кој ќе биде прикажано нашето фолклорно богатство, вели Димче Трајчески уметнички раководител на фолклорниот ансамбл Отекс-фолк.

„Два и пол месеци напорно се тренираше. Најредовни беа моите поранешни ученици. Јас мора да ги пофалам дека сите 99 посто, посебно девојките, како никогаш да не престанале со кариерата како фолклористи. Толку тоа ми е драго што ми ја варти вербата назад. Мојот критеруим за квалитет на фолклорот е повисок од она што денешните генерации може да ми дадат. Стагнирав и сега малку се вратив во живот“, вели задоволно Трајчески.

На јубилејниот концерт ќе присуствуваат гости од странство. Свој настап ќе имаат фолклористите од КУД „Јана“ од Земун, а меѓу гостите се и ФА „ Шиљаковина“ од Велика Горица кај Загреб. Овие два фолклорни ансамбли соработуваат веќе 15 години. Во сиве овие изминати  години запознавме многу фолклористи и добро ја познаваме работата на ФА „Отекс“, раскажува Дражен Лучан уметничкиот раководител на храватскиот фолклорен ансамбл.


„Посебно кај ФА Отекс е тоа што и тие се аматери како и ние, но односот кон работата, традицијата и културата е на професионално ниво и затоа имаме долга и плодна соработка“, подвлекува Лучан.

На сцената во центарот за култура во 18 часот играорците од ФА „Отекс-фолк ќе ги прикажат ората од сите краишта на земјава. Ќе се играат охридски игри, од Источна Македонија, од Егејска Македонија, Повардарието, едноставно класиката на македонскиот фолклор, кажува Димче Трајчески, уметничкиот раководител на ФА Отекс фолк.