Skip to main content

д-р Башуроска: Младите се почесто страдаат од висок крвен притисок

Со цел докторите да бидат што поблиски до граѓаните и превентивно да делуваат на нивното здравје Заводот за кардиоваскуларни заболувања Охрид неколку денови ќе врши бесплатни прегледи. Превентивните прегледи кои се во склоп на неделата на хипертензија започнуваат од утре среда 16ти мај. Покрај прегледите кои ќе се вршат во Заводот, медицински екипи ќе ја проверат здравствената состојба на вработените во неколку јавни институции како општината, полицијата и пожарната од Охрид.

 |  Николоска Биљана  | 

Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Св Стефан“ годинава се вклучува во одбележување на неделата на хипертензија односно висок крвен притисок, во соработка со фармацевтската куќа „Крка“. Директорката на Заводот, д-р Елена Коваческа Башуроска вели дека почнувајќи од утре 16 мај од 10 до 14 часот во кардиолошкиот центар ќе се вршат бесплатни прегледи на кои ќе се мери крвен притисок, ќе се прави ЕКГ а ќе се делат и здравствени совети од стручен медицински тим.

Предвидовме неколку дневни активности со цел подигнување на свеста на граѓаните за важноста на рано откривање, превенција и навремено и правилно лекување на високиот крвен притисок кој што е еден од најголемите ризик фактори за срцеви, мозочни и бубрежни заболувања

Со цел да се опфатат што поголем број граѓани со скрининг за хипертензија, д-р Башуроска пренесува дека од годинава стручни медицински тимови од нивната Установа ќе бидат присутни и во охридските институции.

Наредните два дена, односно четврток и петок лекарски тимови од Заводот ќе посетат неколку јавни работни институции со мерење на крвен притисок како и со едукативни предавања. Оваа година одлучивме тоа да бидат општина, полиција и пожарна. Секако нашите активности и понатаму ќе ги практикуваме со цел да бидеме поблиску до граѓаните и нивното здравје впрочем и како здравствени работници тоа е и наша мисија“

Директорката на Заводот укажува дека загрижувачки е што се поголем број млади луѓе страдаат од хипертензија или висок крвен притисок на кои им е потребна терапија. Постојат повеќе причини за висок крвен притисок, тоа може да биде хормонално, поради нередовен начин на живот и исхрана а исто така и генетската предиспозиција има влијание, појаснува д-р Башуроска.