Skip to main content

Вишненци ја продолжуваат вековната традиција на пренесување на моштите на Св. Спасица Вишенска

Во струшкото село Вишни се слави селската слава Св. Спас или Вознесение Христово. Вишненци  ја продолжуваат вековната  традиција на пренесување на моштите на Св. Спасица Вишенска од селската црква Св. Атанасие до пештерската црква каде што во  самотен живот  таа го зачувала христијанството. Со векови луѓето веруваат во нејзината чудотворна моќ.   Селскиот адет налага  девојка на рамо да ги пренесе  моштите  низ живописен  кањон  одалечен од селото на километар и пол. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во селото Вишни се слави селската слава Спасовден. Вишненци имаат посебен обичај поврзан со празнувањето на Хрисотвото Вознесение. Тие го слават култот на Св. Спасица Вишненска. Веруваат дека нејзините мошти кои се чуваат во селската црква имаат чудотворна моќ. Со векови од селската црква Св Атанасие моштите на светицата се пренесуваат во пештерската каде што таа го поминала својот живот и го сочувала христијанството. Во Вишни, култот кон света Спасица трае шест века, почнува некаде од крајот на 14 и почетокот од 15 век. Легендата зборува дека Спасе и Спаса биле брат и сестра, сираци, кои бегале од турците и се населиле на непристапни терени. Спаса во пештерската црква во близина на Вишни, а Спасе во Вевчани. Денес постојат цркви во спомен на нивниот испоснички, христијански живот. 92 годишната Митра Таштаноска од ова село споделува за обичаите како се празнувал овој ден .

„Обичајот го имавме многу убав. Народот ни се растури , но го правиме пак. Колевме јагниња, одевме на спас во пештерката. Народ полно најубо ама сега ни се растурија децата. Ние ја почитуваме како Господ и неа. Овој ден го држевме повеќе и од Велигден“, вели баба Митра Таштаноска.

Денес, вишненци кои држат до традицијата и кои можеа да дојдат на родните огништа го славеа Спасовден. Некои запалија свеќи во селската црква, а голем број се искачија и во пештерската црква. Младата Елена Тасеска, која потекнува од Вишни, облечена во народна носија ја продолжи традицијата. На рамо го носеше ковчежето во кое се чуваат моштите на Св. Спасица Вишенска од селската црква до пештерската низ планински тешко прооден пат. Баба Митра го споделува верувањето за чудоворната моќ на светицата.

„ Таа помага на сите. Кој бил болен кај неа да дојдеше ќе оздравеше затоа ја почитуваме и неа и нашите деца. Останата е да се слави. Биле брат и сестра Спасе и Спаса, таа дошла овде , а брат и заминал во Вевчани “.Кој беше болен кај неа д адојдеше ќе оздравеше.Затао ја почитуваме ние и нашиет деца “, раскажува Таштаноска.

Стариот обичај моштите да ги пренесе девојка во пештерската црква е пропратен и со еден ритуал. Спроти Спасовден моштите се мијат со црвено вино и се замотуваат во бел чаршав. За покривање на черепот на Св. Спасица е изработена сребрена маска. Меѓу народот има посебно верување дека Св. Спасица им помага на немажените девојки да ја пронајдат љубовта на својот живот.