Skip to main content

55 години од матура

55 години од матура. Генерацијата 1959-1963 од првата охридска учителска школа „Андон Дуков“ , денес се собра да го прослави овој јубилеј. Овие матуранти кои веќе длабоко навлегле во својата зрела доба им советуваат на младите да се почитуваат и дружат, и годините никогаш да не им преставуваат пречка за да се видат, да си поприкажат, а ако треба и да си помогнат меѓусебно.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Генерацијата 1959-1963 од првата и последна учителска школа „Андон Дуков“ од Охрид, денес се собра да одбележат 55 години од матура. Тие се потсетија дека на овој ден пред повеќе од половина век својата матурска вечер ја прославиле во депандансот на хотелот Палас со што завршиле едно поглавје од својот живот. После тоа сите се распрскале на различни страни, следејќи ги своите желби и мечти за денес оние кои сеуште се борат со животните предизвици повторно да се соберат на заедничка средба.

Важно е што се гледаме здрави и живи колку што можеме да бидеме, важно е да ги обновиме спомените и да се договориме за наредните пет години пак да се собериме. Ова е сепак една генерација која во тие времиња во 63 кога дипломиравме веднаш се вклучи во процесот на образование, најчесто во селските училишта, раскажуава Сталин Лозаноски.

Оваа генерација на денешната средба имаше што да си сподели. Се потсетија на некогашните средношколски денови на сите згоди и незгоди, на лошите и добри оценки, на професорите кои се труделе да им дадат знаење. Раскажуваа како ги описменувале децата од селата во охридската околија и какви биле нивните учителски денови. Но секако не изостанаа и муабетите каде ги однел животот, што станале, дали се реализирале семејно и професионално, и како сега ги минуваат пензионерските денови. Лозаноски вели дека денешното време многу се разликува од времето кога тие биле матуранти.

Сега нови вкусови, нови генерации. Младите нека шетаат, нека уживаат, но нека не забораваат да се дружат, зошто тоа останува, вели Лозаноски.

Овие матуранти кои веќе длабоко навлегле во својата зрела доба им советуваат на младите да се почитуваат и дружат и годините никогаш да не им преставуваат пречка за да се видат, да си поприкажат, а ако треба и да си помогнат меѓусебно.