Skip to main content

Уличните кучиња, биолошка закана за Охрид

Монденски град со монденска култура, не може да се прави со главниот декор во градов, уличните кучиња. Скитниците, се главниот вектор за многу сериозни заболувања и претставуваат биолошка закана за туристичкиот бисер, предупредуваат докторите. Тие ја повикаа градската власт во најбрз можен рок да преземе мерки за да справи со овој проблем додека не биде предоцна, бидејќи на секој од нас пред се ни се децата, иднината на секое општество.

 |  Николоска Биљана  | 

Надлежните претставници на градската власт, итно да преземат соодветни мерки за справување со уличните кучиња, повикуваат стручните лица од областа на медицината. Д-р Никола Филев истакнат педијатар загрижен за состојбата, смета дека институциите крајно сериозно треба да се постават во надминување на овој горлив проблем со преземање на мерки согласно закон, бидејќи во прашање се нашите деца, туристите, но станува збор и за имиџот на градот.

Во парковите има глутница кучиња кои што изметот го уставаат тука а исто така и уринираат, а преку нив се шират и многу заразни болести кои се тешки и за лекување и за дијагностицирање. Кучешката тенија само да ја споменам, малку заборавена работа, ехинокок што би рекле ние докторите, е можна варијанта да се добие во парковите, децата си играат рука тоа е место за нив, а не кучиња да шетаат“ .

Со иста интонација за овој проблем говори и епидемиологот д-р Јованка Стурлакова Коровешоска. Таа истакнува дека изметот на животните претставува извор на зараза, вируси, бактериски инфекции доколку на пример кучето е заболено.

Постои можност да се пренесе таа инфекција кај малите деца најчесто преку контактен пат, ако дојдат во контакт со изметот исто така и преку фекално орален начин, значи може изметот со неизмиени рачиња да го пренесат и да предизвикаат зараза кај децата. Скитниците кучиња не се под надзор на ветеринар и кај нив е поголема опасноста да шират бројни заразни заболувања“.

Докторите посебно укажаа дека преку кучињата може да се заразиме и со крлежите, кои пак се предизвикувачи на бактериски и вирусни инфекции. Тие сметаат дека местото на уличните кучиња е во стационар, за што градската власт веќе требаше одавна да обезбеди соодветна локација каде би се подигнало едно вакво сместувалиште за скитници.