Skip to main content

Охридскиот Народен театар прослави 7 години професионално постоење

Охридскиот  Народен театар прослави  7 години  професионално постоење.  Во изминатите години успешно чекори  во нагорна линија. Актерите одиграле  26 премиери , а плановите за иднина се големи . Меѓу нив се подобрување на условите за работа и заложбата за изградба на современ театарски  објект.

 |  Валентина Неловска  | 

Културната институција, охридски народен театар, одбележа 7 години од формирањето на професионален актерски ансамбл. Релативно младиот и мал тим за овие изминати години реализираше 26 премиери. Актерите одиграа сериoзни театaрски проекти кои се показател за сериозна културна институција, а досега 3 пати учествувале на Фестивалот Охридско лето. На 13 јули годинава повторно ќе бидат дел од најголемата фестивалска манифестација со претставата Стаклена менажерија од Тенеси Вилјамс, посочува Стрезо Стаматоски , директор на НТ. Открива дека нивните планови во иднина се да ги следат европските трендови на театрите.

„ Сигурен сум дека постои голем квалитет кај оваа екипа, кој треба да биде виден и да биде репрезент на културата во Охрид и пошироко. Убавото е што имаме млада екипа, што сме отворени за нови актери, режисери, нови луѓе кои сакаат да креираат и да прават театар , да се дружат. Мислам дека треба да се случуваат и ќе се случуваат во иднина. Полека во овие 7 години театарот се движи во нагорна линија“, вели Стаматоски.
Идните планови на раковоството на народниот театар се големи. Приоритетна заложба и понатка ќе биде изградбата на нов современ објект каде што ќе биде сместен театарот, но ќе го користи и фестивалот Охридско лето. Во меѓувреме се работи на подобрување на условите во постоечкиот објект, бидејќи актерите работат во субстандардни услови, вели Стаматоски. Посочува дека е направена пресметка за реконструктивни зафати на постоечкиот објект.

„ Сега сме во преговори да се смени дограмата од јужната страна бидејќи прокиснува. Се надевам наскоро да се реши проблемот. Доколку не се реши Центарот за култура ќе издвои сопствени средства. Со сопствени средства и со добрата волја на одредени бизнисмени интервениравме во внатрешноста. Ги опремивме гримиорните и фундусот за сценографија“ , посочува Стаматоски

Стрезо Стаматоски споделува планови за аплицирање со проекти до европските фондови. Со апликациите ќе се бараат средства за реконструкција на постоечкиот објект за да се обезбедат нормални услови за работа.