Skip to main content

Колекторскиот сиситем на Охридското езеро е во колапс

Колекторскиот сиситем на Охридското Езеро е во колапс. Пречистителната станица во Враништа и пумпните станици не функционираат и  претставуваат еколошка бомба.  Општините Охрид и Струга очекуваат  Владата да го ревитализира  постојниот колекторски сиситем или да изгради нов. Денес се одбележаа  светскиот ден  за заштита на животната средина и  3 децении  од пушатање во употреба на  колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро од отпадни води, кој е во критична состојба.

 |  Валентина Неловска  | 

На Охридското Езеро не функционира колекторскиот систем со пречистителната станица во Враништа и пумпните станици. Колекторот е пуштен во употреба точно пред 3 децении и сега е во целосен колапс. Тоа е нашиот најголем еколошки проблем, изјави охридскиот градоначалник Јован Стојаноски по обиколката на пречистителната станица во Враништа, со првите луѓе на Проаква од Охрид и Струга. До месец септември очекуваме помош од Владата, бидејќи станува збор за голема инвестиција која општините од двата соседни града не можат да ја обезбедат. Во меѓувреме, МЈП Проаква заедно со ресорното министерство набави 2 пумпни станици, но се потребни 11 за да може колекторскиот систем да функционира, нагласи Стојаноски.

„Во договор со Владата ние ќе ги обезбедиме и останатите 9 пумпи со тоа што во ребалансот на буџетот од општина Охрид ќе предвидиме 2-3 милиони денари, толку можеме. Владата со ребаланс на буџетот ќе предвиди 10 до 15 милиони денари за набавка на тие 9 пречистителни станици кои ќе обезбедат тековно функционирање на колекторскиот систем до крајното решение, или ревиталзиација на постојниот или изградба на нов колекторски систем“, напомена Стојаноски.

Директорот на МЈП Проаква Владимир Алексијоски и првиот човек на струшка Проаква, Јетон Шаќири, се загрижени за состојбата во која се наоѓа колекторскиот систем. Стравуваат од еколошките последици од нефункционирањето на колекторот при одведувањето и пречистувањето на отпадните води.

„Количните кои се влеваат гледаме да се што помали. Превземаме и други хемиски третмани за да не се излеваат големи количини на отпадни води во реката Црн Дрим“, кажа Алексијсоки.

„Со тек на времето, неадекватното одржување и незаинтерисираноста на надлежните институции за состојбата со колекторскиот систем, тој е доведен до целосен колапс. Дел од непричеститените и отпадни води директно се влеваат во Црн Дрим и Охридското Езеро и е еколошки колапс со големи последици за животната средина и јавното здравје“, рече Шаќири.

Ваит Ајро, експерт за животна средина, даде свое видување за функционирањето на колекторскиот систем кој има капацитет да преработи и прочисти дневно до 40.000 метри кубни отпадни води од двата града.

„Во моментов, системот прифаќа секакви води, подземни, дождовни и фекални води. За жал, системот е преоптеретен и надвор од употреба на одредени места. Пумпните станици се во целосен застој и се во критична состојба да престанат со работа“, напоменува Ајро.

Одбележувањето на Светскиот ден за заштита на животната средина и 30 години од пуштањето во употреба на пречистителната станица во Враништа помина со голема доза на загриженост за можните последици по екологијата. Заедничка констатација беше час поскоро да се најде решение. Охридскиот градоначалник Јован Стојаноски го посочи примерот во светот каде што пречистителните станици се вносен бизнис, а кај нас се проблем. Стојаноски го гледа инвестирањето во пречистителните станици како одржливо решение за нормално функционирање на колекторскиот систем. Општините Охрид и Струга треба да изработат конкретно решение со кое ќе предложат кој ќе стопанисува и управува со колекторскиот систем.