Skip to main content

Градскиот хор Вокс Лихнидос се подготвува за својот годишен концерт

Звуците на Билјана платно белеше ќе се разлеат во Св. Софија. Градскиот хор Вокс Лихнидос неа и уште единаесет нумери ќе ги изведе на својот годишен концерт кој ќе се одржи наредната недела. Охридскиот градски хор постои повеќе од 60 години и работи исклучиво на ентузијазам и љубов на оние кои ја сакаат хорската музика.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Градскиот хор Вокс Лихнидос интензивно се подготвува за својот годишен концерт. Четириесеттината членови од најразлична возраст двапати неделно интензивно вежбаат за на публиката да и приредат едно незаборавно доживување. Ќе бидат изведени дванаесет композиции и тоа од најразлични жанрови, ќе има духовни песни, песни од класичната музика, но и модерни нумери. Диригентот Бурим Хидри вели дека кога го одбира репертоарот секогаш се труди да биде шаренолик и да има за сите по нешто.

Уште кога станав диригент на хорот јас направив избор на репертоарот со кој ќе настапува хорот. Задржав неколку од старите нумери, но најголемиот дел се нови, свежи и интересни. Гледав песните кои ги избирам дае прилагодени на капацитѕетот кој го има самиот хор, вели Хидри.

Концертот ќе се одржи во вторник со почеток од 20 часот и 30 минути, а влезот е бесплатен. Новина оваа година е што ова музичко доживување ќе се случи во катедралната црква Св. Софија што е посебен предизвик и за хористите и за диригентот.

Имав идеја да настапиме во Св. Софија бидејќи сите знаеме каква акустика има, но мислев дека нема да ни биде дозволено. Подготвени бевме да платиме и некој паричен надомест, но на анше задоволство МПЦ ни дозволи таму да го одржиме концертот и тоа без никаква парична надохнада, задоволно кажува Хидри.

Инаку охридскиот градски хор постои повеќе од 60 години. Тој работи исклучиво на ентузијазам и љубов на оние кои ја сакаат хорската музика. Пробите се одржуваат два пати неделно во просториите на Центарот за култура „Григор Прличев“, а единствениот паричен надомест кој го има хорот е годишниот хонорар од Министерството за култура наменет за раководителот и диригентот. Локалната досега освен логистичка поддршка не му дала никаква финансиска, но хористите се надеваат дека ќе го препознае значењето од постоењето на градскиот хор, па од наредната година во својата програма ќе издвои средстваза Вокс Лихнидос.