Skip to main content

„Мој Охрид, чист Охрид“- порака за еколошко освестување

Еколошката акција „Мој Охрид – Чист Охрид“ обедини 1200 охриѓани но и вљубеници во Охрид од други градови, во намерата да се исчисти отпадот од крајбрежјето и да се упати порака за еколошко освестување. Акцијата мотивира и многу граѓани да се самоорганизираат, па така се чистеше и во дворови на згради, училишта, станбени и деловни објекти.

 |   | 

Повеќе од 1.200 охриѓани учествуваа во големата ЕКО акција „Мој Охрид, чист Охрид“ која имаше за цел да се исчисти крајбрежјето во пресрет на туристичката сезона.  Се чистеше на потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“. Организаторите подолго време ја скенирале состојбата на терен и на одредени точки регистрирале поразителна слика за нашата негрижа кон природата. Кажаа дека се задоволни од одзивот  и дека целта со првата ваква акција е да се испрати порака за еколошко освестување.


„Катстрофална слика видов по крајбрежјето. Затоа и инцирав, со сликите што ги поставував на социјалната мрежа Фејсбук, некако да се подигне свеста на народот, да ги собереме и децата, училиштата и да дадеме поука каде треба да се фрла ѓубрето. Јас сум среќна што сме денес вака собрани , после повеќе од една година, среќна сум и мислам дека ќе успееме да дадеме пример“ – вели Мери Нанче.


„Најлош е делот од Детска болница кон Гранит. Во таа меѓузона има редовно одлаѓање ѓубре и мислам и сите да се добереме 1500 души само таму, не знам дали би успеале да исчистиме, но еве да почнеме..“ – изјави Сашо Митаноски.

„ Ние треба да знаеме дека пред се чистиме за себе а не за гостите што ќе дојдат. Тоа е плус бидејќи сме туристички центар. Покрај крајбрежјето, јас како иницијатор и „З`ш авантура“ имаме една голема акција која ќе трае од 4 до 6 месеци, „Еко Галичица 2018та“ при што ќе се чистат планинарските и велосипедските патеки низ Галичица, реони околу селата и населбите кои гравитираат на тој терен. Пред месец и пол почнав со еко патрола , да ги соберам материјалите и ќе направам изложба , ќе ги повикам и медиумите, сите да видат дека тоа е нешто страшно.“ – вели Жанко Голабовски.

Учесници на возраст од 7 до 77 години, цели семејства, ученици, граѓански и спортски здруженија, еко активисти, градски советници и пратеници собраа над 500 големи вреќи најразновиден отпад.



 „Oдлучивме да се приклучиме на акцијата „Мој Охрид Чист Охрид“, затоа што е старт на летната сезона. Сакаме да ни е убав градот, да ни биде претставителен. Сакаме да си ги пречекаме гостите во најдобро можно светло. Дојдовме со мојата фамилија, јас и мојата ќерка и сите мои блиски да чистиме“

„ Забележавме дека плажите се особено критично подрачје кое што има најчесто пластика, шишиња, отпад од се она што го користат луѓето на плажа и сметавме дека треба да се исчистат пред сезоната“

„ Децата треба да го фрлаат ѓубрето во канта за отпадоци. Никој не треба да фрла ѓубре на плажите “- порача Јана, најмалиот учесник во акцијата.
 
Граѓанската иницијатива Охрид SOS кои се фокусирани на еколошките прашања и заштитата на природното и културно богатство на Охрид како и активистите од  Охрид Чист кои подолго време самоиницијативно организираат акции за чистење на градот, очекувано беа дел од акцијата. Едногласни се дека за околината треба да се грижиме 365 дена во годината но и дека навиките на луѓето не се менуваат преку ноќ.

„ Граѓаните не треба да го разбираат светот како огромен, отворен контењер. Таму наоѓавме пелени од бебиња фрлани во грмушките , најверојатно со идеа дека ќе се распаднат , потоа имавме и презентација на дурекс Малку подлабоко во блатото. Така што, сметам дека главната работа и главната задача и обврска ја гледам кај институциите. Тие се тие кои имаат обрвска и да ја исчистат околината меѓутоа и агресивно да ги едуцираат граѓаните дека не смеат да се однесуваат на тој начин. Едноставно не смее на секого каде ќе му текне да фрла отпад без никаква одговорност , затоа што се што фрламе ни се враќа назад. “ –  Драгана Велковска „Охрид SOS“.


„ Да ја смениме менталнава матрица. Генерално да почниме да размислуваме еколошки. Да се однесуваат природно и човечки и да престанат да фрлаат ѓубре. За да не треба после да се собираме и да ги чистиме остатоците зад некого“ – изјави Григор Велјановски од „Охрид Чист“.


Од ЈП „Охридски Комуналец“ упатија благодарност до организаторите на акцијата  за која што сметаат дека ќе придонесе за подигање на свеста кај граѓаните. Директорот Грданоски уверува дека претпријатието е максимално подготвено за обемот на работа која ги очекува за време на туристичката сезона.  

„Она што сакам да го потенцирам е, посебно овој дел на плажите каде што денеска се одвива акцијата , во летниот период отпадот ќе биде подиган, и покрај нашата обврска да го подигаме два пати неделно, значи на наша иницијатива отпадот ќе биде подиган секоја вечер во третата смена , после 22 часот како не би останал отпад бидејќи го има во големи количини на овој дел од градот, односно на плажите.„ – изјави Љупчо Грданоски дир. ЈП „Охридски Комуналец“.


Покрај во зоните по крајбрежјето кои ги одредија организаторите, охриѓани се организираа и во своите населби па се чистеше и во дворови на станбени згради,училишта, околу деловни објекти.  Нуркачите од клубот за подводни активности Охрид собираа отпад од дното на езерото во Пештани каде што чистеше и Градоначалникот Јован Стојаноски.