Законот за спречување на нелојалната конкуренција во занаетчиските дејности не функционира
Законот за спречување на нелојалната конкуренција во занаетчиските дејности не заживеа, реагираат од охридската регионална комора. Иако со последните законски измени се врати можноста за ангажирање на калфите интересот кај занаетчиите е мал. Со новиот закон за занаетчиите се уредува финансирањето на коморите со што плаќањето чланарина е задолжително.
Од охридската регионална комора реагираат дека не профункционира Законот за спречување на нелојалната конкуренција во регионот. Има занаетчии кои работат на црно, вели Сашо Богоески претседател на Регионалната занаетчиска комора
„ Од кој причини не знам. Наша цел не е да бараме нерегистрирани занаетчии, тоа е обврска на пазарната инспекција. Ние одиме по пријава на занаетчиите дека некој друг од сродниот занает врши незаконско работење“, појаснува за состојбите во охридската занаетчиска фела, претседателот на Регионалната занаетчиска комора.
Со последните законски измени на занаетчиите им се врати можноста за ангажирање на калфи или чираци. Секој занаетчија годишно има можност да ангажира двајца калфи , но интересот е мал.
„ Досега се пријавени 2-ца занаетчии за да учат калфи. Условите се едноставни, да се пријават да го изучуваат занаетот и да работат, а занаетчијата е должен да исплати 15 проценти од просечната бруто плата исплатена во претходната година. По една година калфата да полага пред мајстори и претставник од Комората“ кажува Богоески.
Со новиот закон за занаетчиите се воведува задолжителна лиценца за работа, а се уредува и финансирањето на коморите. 15 проценти од приходите по основ на јавни овластувања од регионалните комори одат во републичката комора, па плаќањето на чланарината на занаетчиите е задолжителна.