Skip to main content

„Охридски поетски бисер“ во манастирскиот комплекс „Св.Стефан“

Во манастирскиот комплекс „Св. Стефан“ во близина на Охрид, во сабота, 30-ти јуни 2018 година со почеток во 12:00 часот ќе се одржи третото издание на поетската манифестација „Охридски поетски бисер“.

 |   | 


Во манастирскиот комплекс „Св. Стефан“ во близина на Охрид, во сабота, 30-ти јуни 2018 година со почеток во 12:00 часот ќе се одржи третото издание на поетската манифестација „Охридски поетски бисер“.

Овој настан има благородна мисија во афирмирањето, пренесувањето и зачувувањето на македонскиот јазик, не само во Македонија туку и низ целиот свет. Таа им дава можност на непознатите, анонимни поети, особено на помладите генерации, во содејство со веќе познати македонски автори да станат дел од промоторите на пишуваниот поетски, македонски јазик.

Повеќегодишната идеја на ентузијастите и вљубеници во поезијата Митре Мангоски Радождански и Мирко Томовски се реализира во 2016 година кога на 26-ти август се одржа првото издание во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, на кој што присуствуваа голем број на поети и гости од цела Македонија. Се рецитираше поезија исклучиво за Охрид, убавините на Охрид и историските личности на Охрид, при што свое учество зеде и легендата на македонската забавна музика, Драган Мијалковски. Втората по ред поетска манифестација, благодарение на организаторите  Митре Мангоски Радождански, Мирко Томовски, Трифун Ѓорѓиоски, Перчо Божиноски и сестраната подршка на Крсте Наумоски Мечкар, се одржа во македонското свето духовно место – манастирот „Св. Петка“ во село Велгошти, на само три километри од Охрид, во пазувите на Олмец, на 15-ти јули 2017 година каде настапија 40-тина поети од Република Македонија и дијаспората.

И оваа, 2018 година, македонската светост за организаторите продолжува да биде мотив поетската манифестацијата повторно да се одржи во духовно светилиште, овој пат во манастирот „Св. Стефан“, на три километри од Охрид, на патот кон манастирот „Св. Наум Охридски“, благодарение на Општина Охрид и несебичното залагање на градоначалникот Јован Стојаноски, кој е покровител на фестивалот, кој ја продолжува традицијата со збогатена содржина.