Skip to main content

Стартуваше СМС паркирањето во Охрид

Од денес и официјално започна зонското паркирање и наплатата на паркинг услуга преку смс систем. Од ЈП Билјанини извори се подготвени да им излезат во пресрет на граѓаните и туристите при користењето на услугата. Наплаќањето ќе се врши во зоните А и Б а за зоната Ц дополнително ќе се размислува дали ќе се врши наплата на паркинг. 

 |   | 

Од денеска и официјално започна наплата со смс пораки на јавните паркинг простори во Охрид.  Од ЈП Билјанини извори сметаат дека граѓаните брзо ќе се навикнат на новиот начин на наплата. 

Tреба да се следат упатствата на информативните табли. Да се испрати смс порака на телефонскиот број 144 644 со наведена зона , празно место и бројот на регистарската таблица на возилото. Се чека повратна смс порака по што започнува времето на услугата. При напуштање на паркинг местото треба да се испрати смс порака со содржина „S“ за стопирање на паркинг услугата.  Наплаќањето ќе се врши во зоните А и Б секој ден од 7:30 до 03 часот. Цената за паркирање во зона А е 30 денари, во зона Б паркирањето чини 20 денари, во првиот и секој нареден час. Сеуште не се знае кога и дали воопшто ќе стартува овој систем во Зона Ц.

„Откако граѓаните кои што живеаат на тие улици во зона Ц ќе бидат исконтактирани преку одредени анкети и доколку тие сакаат да се започне со зонско паркирање на тој дел, претпријатието Билјанини извори ќе го спроведе. Во спротивно локалната самоуправа ќе одлучи како понатаму ќе се решава таму паркирањето.-Гордана Јованоска дир. ЈП „Билјанини Извори“.

Директорката потенцира дека поради воведувањето на новиот систем на наплата на паркинг нема да има отпуштање од јавното претпријатие. Смета дека бројот на вработени во моментот е соодветен на потребите.

„Ние сакаме комплетно подрачјето на јавни паркинг простори да биде покриено со вработени за доколку има некаков проблем да им се помогне на граѓаните и на туристите за да немаме некакви забуни.“

Јованоска се извини што на информативните табли има печатна грешка направена од страна на фирмата која ги изработи. Грешките ќе бидат корегирани најдоцна до утре.