Skip to main content

Oхрид е на врвот на листата општини со најголем број дивоградби во земјава

Oхрид е на врвот на листата општини со најголем број дивоградби во земјава. Според соопштението на Државниот завод за статистика лани биле регистрирани 68 дивоградби. Градот признава дека има сериозен проблем  со дивоградбите. Со години им пропаѓаат тендерите за избор на фирма која ќе ги  руши бесправно изградените објекти

 |  Валентина Неловска  | 

Охрид е на самиот врв по дивоградби во земјава. Втора година по ред е на врвот на листата според бројот на бесправно изградени објекти. Минатата година статистичките податоци на Државниот завод за статистика покажале дека биле регистрирани 68 дивоградби. Општина Охрид признава дека има сериозен проблем со нелегалените градби, а тоа се случува заради пропаѓањето на тендерите за избор на фирма која ќе ги руши бесправно изградените објекти. Со години наназад никој не сака да се пријави за да ги одстрани дивоградбите, подвлекува охридскиот градоначалник Јован Стојаноски.

„Не сум задоволен дивоградбите остануваат еден сериозен проблем во градот. Често пати сме размислувале на порадикални акции и во наредниот период ќе ангажираме некое од ЈП да ги врши одстранувањата на дивите градби“ напоменува Стојаноски.

Охридскиот градоначалник го посочува проблемот и со недостаток на градежни инспектори во општинскиот градежен инспекторат. Во оваа служба инспекторите се соочуваат со притисоци и закани и си заминуваат. Инспекторите се со ограничени овластувања издаваат решенија но немаат надлежност да го средат пробелмот со дивоградбите, укажува градоначалникот.

„ За жал општината во моментов располага само со еден инспектор кој е надлежен за регулирање на тој дел на хаосот, а за кој најголем број од замерките на Унеско беа во овој дел и во реакциите на граѓаните. Го менуваме планот за вработување и има слободно место за градежен инспектор и ќе има засилена контрола на дивоградбите кои се во регионот на општина Охрид“, вели Стојаноски.

 

Градежниот хаос е една од многуте причини поради кои Комитетот за светско наследство на УНЕСКО упати предупредување дека Охрид може да биде отстранет од листата на светската организација. Активистите за заштита на Охрид и на езерото постојано бараат целосен мораториум за градба.
Според Државниот завод за статистика било евидентирано дека во 2016 година имало 99 бесправни објекти, исто како и во 2015 година. Во 2014 според статистичките податоци биле регистрирани 109 дивоградби. Сто пати нелегално се градело во 2010, а 154 пати во 2009 година. Најголем број од дивоградбите во Охрид од 2011 до 2017 година биле времени објекти, вкупно 121. Во овој период биле евидентирани и 60 бесправно изградени станбени објекти, 25 деловни објекти и 57 доградби и надградби.