Skip to main content

Додека не се утврди кои се новите концесионери, старите и понатаму ќе си стопанисуваат со плажите

Општината по јавното наддавање нема јасна претстава кој ќе стопанисува со плажите Потпеш , Канео, Куба Либре и Кадмо.  Општинската комисија ги разгледува пристигнатите приговори и има рок до понеделник да одлучи по истите. Додека не се утврди кои се новите концесионери, старите и понатаму ќе си стопанисуваат со плажите.

 |   | 

Туристичката сезона започната а општината нема чиста ситуација со издавањето на плажите под концесија. Јавното наддавање за најатрактивни плажи на крајбрежјето Потпеш , Канео, Куба Либре и Кадмо не даде јасна претстава кои се новите концесионери. Во законскиот рок  до општинската комисија пристигнале приговори за сите плажи за кои се наддавало, од сите кои учествувале во електронското наддавање, па дури и лица кои не учествувале. Комисијата има рок од 5 работни денови да ги разгледа и да одлучи по пригиворите. Додека трае постапката старите концесионери ќе продолжат да стопанисуваат со плажите.

„За жал, по првото наддавање не добивме чиста ситуација за тоа кој ќе управува со плажите, но се надевам дека ќе има појасна ситуација наредната недела. За плажата број три немаше наддавање и треба да остане затворена, а ако има активности надлежните ќе реагираат. За другите не може да се даде прецизен одговор, тоа се фирми регистрирани и работаат како кафеани. Законски не можеме да ги спречиме да ја обавуваат таа дејност додека трае постапката“, вели портпаролот на општина Охрид, Томе Џамтоски.

Старите концесионери кои ќе го загубат правото за стопанисување со плажите според законските одредби треба земјиштето да го вратат во првобитната состојба. Џамтоски смета дека постои простор за договор помеѓу новите и досегашните концесионери со цел да не се руши она што се градело. Зошто издавањето на плажите се реализира во веќе започната туристичката сезона, Џамтоски вели дека  самата законска процедура која треба да се испочитува е долга. На наддавањето за издавање на плажите под концесија беа достигнати  суми за закуп кои се движеа и до 100 000 евра годишно.  Плажите се издаваат под  закуп за период од  5 години.