Skip to main content

Започнува фестивалот на нов европски филм „Beach film festival“

Од денес до 22-ри јули Охрид ќе биде домаќин на првото издание на фестивалот на нов европски филм „Beach film festival“.

 |   | 

Од денес до 22-ри јули Охрид ќе биде домаќин на првото издание на фестивалот на нов европски филм „Beach film festival“. Главната програма на фестивалот ќе се реализира на плажата „Оревче“.

Вечерва, првата фестивалска вечер ќе започне со проекција на хрватскиот филм „Осмиот комесар“ во 21:00 часот, на која ќе присуствува и режисерот на овој филм, Иван Салај. Филмот преставува екранизација на истоимениот роман на Ренато Баретиќ.

Новитет на филмските фестивали, барем во Република Македонија, е тоа што на втората фестивалска вечер, во петок, на 20-ти јули, посетителите ќе можат да го гледаат данскиот филм „Holiday“ на бродот „Галеб“, кој во 22:00 часот ќе тргне од Охрид и ќе плови кон плажата „Оревче“. Утре ќе бидат прикажани уште два филма од официјалната селекција: турскиот „Сакате да се измиете на дождот“ на режисерот Ѓултен Таранч со почеток во 21:00 часот и македонскиот „Копање“ од 22:30 на плажата „Оревче“.

Во сабота, на 21-ви јули на плажата „Оревче“ ќе биде прикажан филмот „Едерлези рајзинг“ на српскиот режисер Лазар Бодрожа, а претходно, во просториите на филмската академија во Охрид со почеток во 10:00 часот ќе биде прикажан холандскиот игран филм за деца „Малечкиот гангстер“ на режисерите Арне Тонен и Арент Џек.

Во недела, на ревијалната, последна вечер, ќе се прикажува филмот „Исцелител“, кој ќе ја има својата премиера пред охридската публика.

– На фестивалот ќе присуствуваат и многу гости од филмската индустрија, како на пример, Stoya, Лазар Бодрожа, Беверли Лавли, Артур Страхков. Жири комисијата е составена од реномирани имиња од филмската индустрија: Јелена Јованова, Марјан Алчевски, Весна Дамчевска. За самиот крај на Beach Film Festival, предвиден е настап на групата „Фолтин“. После секоја проекција на филмовите, ќе следат настапи на македонски и интернационални изведувачи, како на пример: RIB, Cyrillic, Palindrom, DJ Klara Vedis, Sajsi MC, Foltin и други. Предвидени се и дневни работилници за актерска игра за средношколци, за документарен филм, продукција, режија, како и работилница за актерска игра за деца од 11- 14 години. Се гледаме викендов во Охрид, информриаат организаторите.