Skip to main content

Охрид го одбележа 2 август Денот на државноста на Македонија

Охрид го одбележа 2 август Денот на државноста на Македонија. Се одржа  историски час за текот на создавање на македонската држава и нација. Пред биститите  на борците од илинденскиот период и Ноб беше положено свежо цвеќе.

 |  Валентина Неловска  | 

Охриѓани го чествуваа 2 август Денот на македонската државотворност. Се одбележаа датумите на двата Илиндени 115 години од почетокот на Илинденското востание и 74 години од оджувањето на Првото заседание на АСНОМ. Историчарот, проф. Ристо Николески направи историски осврт на развитокот на државата на македонскиот народ.

„Државата на македонскиот народ е плод на тешки и долготрајни борби. Иако историјата на македонската нација и македонската државност има многу сличности по својот развоен пат, со многу неисториски народи од некои од словенски држави и народи, но има специфики што бара свој потфат и специфични методи за нејзино проучување“, истакна Николески.

Создавањето на македонската држава имало сукцесивни разојни фази и еволутивен процес со општествено-историски, морални, политички и интелектуални подготовки за создавање на национално македонско сознание, напомена Николески. На историскиот час проф.Николески потсети на опшетвено политичките услови пред повеќе од еден век и почетокот на борбата за самсотојна држава, како и на фазите при создавањето држава за време на Илинденското востание и НОБ. Поставувањето на темелите на Македонската држава започнува со Илинденското востание на 2 Август 1903 и создавањето на првата Крушевска Република на Балканот, и на Првото заседание на АСНОМ во рамките на НОБ е формирана Југословенската социјалистичка заедница, кога македонскиот народ конечно добива своја држава и националност.

„Внимание заслужува и културната историја која се развивала по сопствениот пат и давала специфични придобивки на околните народи. Тоа е наша самостојна македонска национална култура врз која се потпира современиот развој на македонската нација“, рече во текот на одржувањето на историскиот час Николески.

Во градскиот парк пред бистите на борците од илинденскиот период и од Ноб се поклонија и положија свежо цвеќе охридскиот градоначалник Јован Стојаноски, охридски советници и пратеници, претставници од Сојузот на борците од НОВ, директори на основи и средни училишта, граѓани.