Skip to main content

„Девојчето со жиците“ интимна драма која ги ангажира сите сетила на гледачот

„Девојчето со жиците“ интимна драма, поставена во позадината на општествените случувања во современа Европа вечерва во рамки на драмската програма на годинешното издание на „Охридско лето“.

 |   | 

Претставата „Девојчето со жиците“ припаѓа на „Охридско лето“ како спој на театар и музика што е и самиот концепт на фестивалот. Претставата зборува за слободата, уметникот и интимните теми на луѓето, а секој поединец може да поистовети со приказната. Вака режисерот Марјан Нечак ја најави драмата „Девојчето со жиците“ што актерите од Словенечкиот народен театар „Драма“ од Љубљана и Подвижниот музички театар од Битола вечерва ќе ја одиграат на сцената „Долни Сарај“.  

Начинот на кој ја градевме и работевме претставата е специфичен, бара малку повеќе време, поинаква концентрација, поинаква љубов. Такви се актерите од Драма Љубљана, посебно овие со кои избрав да ја работиме оваа претстава. – Марјан Нечак, режисер.

Драматургот Дарја Доминикуш кажа дека претставата има специфична форма која што зборува со текст и со музика, но не со музика како декорација туку како наративен елемент во дејството.
 
„ Во претставата се зборува на повеќе јазици и кога се зборува на странски јазик за гледачот на видео запис е вклучен преводот на еден врвен естетски начин. Така што, гледачот претставата треба да ја следи со сите сетила, слухот, видот, мозокот. И самата приказна е многу емотивна. “ -Дарја Доминикуш – драматург.


Барбара Церар која во претставата го толкува девојчето со жиците, вели дека посебната форма на претставата за неа бил вистински предизвик.

„ Музичките делови се некој вид монолози кои на оваа интимна драма и даваат повисока вредност , повисоко ниво , што се однесува до мојата интерпретација.  И самата приказна, тоа патување и самотија на главниот лик , се заедно претставува предизвик кој една актерка може само да го посака. “– Барбара Церар, актерка.

 Актерот Урош Фурст кој го игра таткото на девојчето односно виолинистката, кажа дека му претставува  огромно задоволство што повторно е на фестивалот „Охридско лето“.
 
„Претставата е полигон за извонредна актерска работа и начинот на кој ја создававаме оваа претстава за мене е универзален и целосно нов , така да мислам дека на публиката ќе и се допадне.“ Урош Фурст, актер.

„Девојчето со жиците“ е современа драмска опера за виолинистка која патува со воз низ Европа. Преку нејзиното патување се исцртува приказната за нејзиниот живот и потрагата по место во современа Европа, која сe повеќе се обвиткува со бодликава жица и е социјално исклучувачка.