Skip to main content

Наградата Живко Чинго за најдобар расказ за „Потфрлување на топката“

„Потфрлување на топката“  најдобар расказ за 2018та година.  Стручното жири едногласно го избрало овој расказ од 50тина пријавени творби  на конкурсот на општина Охрид по повод манифестација Вечери на Живко Чинго.

 |   | 

„Потфрлување на топката“ под шифра „Горе главата“е избран за најдобар расказ на конкурсот на општина Охрид по повод манифестација Вечери на Живко Чинго.
Тричлената комисија во состав проф. д-р Кристина Николоска, проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски едногласно го избрале расказот  „Потфрлување на топката“ во конкуренција на 50 други пријавени раскази. Тоа е задоволителна бројка бидејќи името на великанот Живко Чинго во современата македонска литература и за новите автори е голем поттик, кажа на денешната прес конференција  Кристина Николоска.

„Во расказот се чувствува иновација преку збиена преисполнета нарација која е преточена во вид на сценарио низ која строго се движи главната мисла. Расказите ги задоволуваат критериумите на конкурсот каде преовладуваат актуелни, политички и социјални теми. Во помала мера се застапени историските теми.“ -истакна проф. Д-р  Кристина Николоска.

Проф. д-р Димитар Пандев кажа дека интересот за пишување раскази не опаѓа и секоја година на конкурсот има околу педесеттина пријавени творби. Има раскази кои се почетнички обиди но во себе носат големи идеи и кои во иднина можат да доведат до вистински мајстори на зборот, истакна Пандев.

„Определувајќи се за расказот „Потфрлување на топката“ сепак најдовме еден збиен расказ длабоко алегоричен во кој имаме многу игри со зборови и идеи, а сепак главната идеја останува водечка. На извесен начин во оваа тема се открива клучната тема на интертекстуалноста не само во литературата туку и во животот“ – проф. д-р Пандев.

Наградата „Живко Чинго“ ќе биде свечено врачена на традиционалната манифестација вечери на Живко Чинго на 13 август со почеток во 20 часот пред спомен обележјето на великанот во атарот на црквата Св. Петка во селото Велгошти.