Skip to main content

Ренџерите деноноќно ја чуваат Галичица од шумски пожари

Во Националниот парк Галичица во овие летни денови посетителите се движат слободно без забрани заради појава на пожари. Ренџерите деноноќно ја чуваат планината од шумски пожари. Во националниот парк има се повеќе туристи кои трагаат по планински авантуризам. Паркот воспоставил соработка со туристичките агенции кои се во постојан контакт со ренџерите на паркот.

 |  Валентина Неловска  | 

Ренџерите од НП Галичица деноноќно будно ја чуваат планината од шумски пожари. На неколку видиковци меѓу кои Баба и Корита ренџерите ја набљудуваат планината во рамките на националниот парк и внимаваат да не се случат шумски пожари. Во моментов се е под контрола и нема уредби за ограничено движење на посетителите од страна на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, информира Наумче Новески од НП Галичица.

„ Во моментов е слободно движењето низ НП, но со придржување на условите кои ги бара Законот за национални паркови. Имаме точно одредени места каде да се запали оган за скара и што точно може да се прави во паркот. Упатуваме апели преку медиумите и делиме флаери на посетителите на наплатната рампа со предупредувања да внимаваат при влезот во паркот“, напоменува Новески.

Националниот парк Галичица од година во година станува се попривлчено место за туристите. Се бележи пораст на туристите кои сакаат планински авантуризам. Низ планината се возат моунтбајк велосипеди, мотори на четира тркала, полетуваат параглјадери или се планинари низ природата, информира Наумче Новески од НП Галичица.

„ Нашата установа воспостави соработка со туристичките агенции ги замоливме да реагираат на нашите телефони ако нешто приметат да јават.Сега засега мора да ги пофалам сите агенции кои вршат дејност во паркот во договор со нашата установа дека сме во постојан контакт“, подвлекува Новески.

Точните бројки за посетеност на НП Галичица ќе се знаат кон крајот на месец септември. Но, по слободна проценка бројот е скоро двојно поголем од минатата година и годинава ќе се постигне рекорд на туристи, напоменува Новески.