Skip to main content

Укинувањето на две нискобуџетни авиолинии на Визер нема да имаат негативен импакт врз туризмот во земјава

Укинувањето на авиолиниите за Барселона и Лондон на нискобуџетната компанија Визер нема да има големо влијание врз туризмот во земјава. Негативно влијание нема да има доколку тоа остане на само овие две дестинции. Хотелските работници се надеваат на отварање на нови линии во иднина.

 |  Валентина Неловска  | 

Македонскиот туристички приход нема да претрпи големи загуби по укинувањето на визеровите директни авиолинии од Барселона и Лондон на скопскиот и охридскиот аеродром, оптимистички изјавуваат хотелско туристичките субјекти во земјава. Туристичките работници досега се задоволни од текот на туристичката сезона и посетеноста на земјава, а тоа го очекуваат и за следната сезона.


„ Две линии во целокупниот број на проценти не значат премногу, но секако да не се лоши пораки за почеток на некаков крај. Се надеваме дека ќе се надминат тие работи и ќе се отворат нови дестинации. Ќе најдат заеднички интерес авиокомпаниите што летаат тука и Владата. Преку разни даноци, ,субвенциите се враќаат назад и тоа е единствен начин да се поттикне растот на туризмот на охридскиот и скопскиот аеродром“, напоменува Крсте Блажески претседателот на Хотам.

Најбројни гости на охридското крајбрежје и понатака се холандските туристи. Најмногу авионски летови има со Туј и Корендон и се надминати за 15 проценти од очекуваните 70 проценти ноќевања, информира за тековната туристичка сезона Блажески. Додава дека тоа се смета за успешна туристичка сезона. Радува податокот што се потпишуваат договори и за идната година и се бара соба повеќе. Се очекува пораст на бројот на холанѓани кои ќе летуваат на охридско струшкиот брег и за идната година. Интерес да летуваат на Охридското езеро има се повеќе и кај полските туристи, вели Блажески.


„Тие ќе прераснат во број два гости по бројот на ноќевања. Се склучија договори за идната година и доаѓаме до ситуација да не можеме да ги ипсолниме барањата на туроператорите и ќе се вратиме на проблемите со издавање дозволи за градба на нови хотели на брегот“, напоменува Блажески.

Заради моменталните случувања во Турција во следниот период хотелиерите очекуваат пад на посетеноста од страна на турските туристи кои остваруваат поголем број на ноќевања во земјава. Туристичките работници велат дека постојано работат на привлекување на туристи од нови дестинации од светот.