Skip to main content

Пензионерите од Охрид и Дебрца навреме ќе добијат огревно дрво

Пензионерите од Охрид и Дебрца кои се снабдуваат со огревно дрво преку Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца навреме ќе добијат огревно дрво. Од здружението уверуваат дека сите ќе го добијат огревното дрво, до почетокот на сезоната, доколку  исплатиле дел од ратите. Дадена им е можност за плаќање  до десет рати.

 |   | 

Покрај ставањето зимница, за пензионерите во овој период од годината, најактуелно е снабдувањето со огревно дрво. Станува збор за една од најважните активности на ЗП на Охрид и Дебрца, која се спроведува секоја година.  Ѓорѓи Трпчески – претседател на ЗП на Охрид и Дебрца апелира до сите пензионери од Охрид и Дебрца кои се снабдуваат со огревно дрво преку Здружението на пензионери да се стрпат.

„Ние како пензионери сами сакаме да си помогнеме, да ја олесниме оваа состојба на пензиенрите, затоа ние уште од октомври месец 2017-та година почнуваме со запишување на пензионерите за купување огревно дрво. Досега функционираше добро, се бележи мал застој во снабдувањето во месец август, а и пензионерите немаат трпение, секој сака што побрзо да се снабди со дрво за огрев. Има уште мала количина која треба да биде доставена на потрошувачите“, вели Ѓорѓи Трпчески – претседател на ЗП на Охрид и Дебрца.

На пензионерите дадена им е можност за плаќање  на десет рати. Доставата на огревното дрво до домовите на потрошувачите ја вршат превозници кои не се од шумското стопанство и поради тоа некогаш може да дојде до кратко пролонгирање во доставата, објаснува Трпчески.

„Не чекаме ние да ги исплатат до крај, затоа и има нетрпение, Платиле неколку рати па сега аман дрвата, дрвата, но не може тоа таска. И од шумското стопанство си бараат пари. Затоа има некој мал застој, се прават одредени отстапки, возачите носат според списоците кои сме им ги доставиле. Ние имаме многу добар распоред направено како да тече снабдувањето“, објаснува Ѓорѓи Трпчески – претседател на ЗП на Охрид и Дебрца.

Од шумското стопанство „Галичица“ велат дека најголема побарувачка има за бука и даб. Преку здружението на пензионери дабот чини 2700 за метар кубен, а буката 2600 ден со вклучен превоз.