Skip to main content

Помал број запишани студенти на туризам

Во првиот уписен рок на ФТУ се запишале помал број на  студенти на  студиската група туризам.  Иако бизнис секторот има потреба од ваков кадар, а платите растат, интересот за студирање за услужниот сектор од година во година опаѓа. Потребна е сериозна анализа за причините,  велат од ФТУ,  каде што денес се одржа 14-тата меѓународна конференција на тема токму за  услужниот сектор.

 |  Валентина Неловска  | 

Уписите на студенти за студиската програма за туризам на ФТУ во Охрид од година во година имаат тренд на опаѓање, исто како и на другите факултети, вели Цветко Андреески декан на Факултетот. Тенденциите на намален интерес за уписи траат неколку години наназад, но годинава таа појава е најдраматична, вели деканот Андреески.

„Најголемо потфрлање има на бројот на студенти на ФТУ на студските програми од областа на туризмот. На туризам се запишале 17 студенти, а вкупниот број студенти за хотелско-ресторански менаџери и гастрономија е 30 студенти што е многу мал број. Во споредба со минатата година таа бројка е половина“, информира деканот.

Андреески додава дека и покрај отварање работни места, порастот на бројот на туристички посети и ноќевања, зголемување на платите, интересот за студирање на студиската група туризам се намалува. Состојбата со интересот за студирање во услужниот сектор е слична и во соседните земји Србија, Црна Гора, Хрватска. На што се должи тоа потребна е сериоза анализа, напоменува деканот Андреески.

„Има повеќе причини кои ние претпоставуваме дека влијаат, но треба анализа за да излеземе со точни податоци. Претпоставуваме дека една е висината на платата, а втората е односот кон струката. Овие струки се потценети, без разлика на надоместокот кој се добива. На нашата ривиера готвач има 30.000 плата, но и покрај тоа, мал е бројот на наши студенти кои се одлучуваат за студиската програма гастрономија“, укажува Андреески.

Еминентни професори и претставници од стопанската комора учествуваат на 14-тата научна Меѓународна конференција на тема услужен сектор, во организација на ФТУ. На оваа тема се прифатени 58 трудови, од 87 автори, од 10 земји, а две пленарни предавања ќе имаат професори од Опатија и Нови Сад.