Skip to main content

Охрид ќе добие, нов здравствен дом изграден по највисоки светски стандарди

Синоќа беше презентиран основниот проект со сите фази за изградбата на овој објект, на кој Охрид чека со децении.

 |   | 

Охрид ќе добие, нов здравствен дом изграден по највисоки светски стандарди,  ова беше истакнато на трибината што синоќа се одржа во големата општинска сала , а на која присуствуваа охридскиот градоначалник , Јован Стојаноски и министерот за здравство на Р. Македонија, Венко Филипче. Домот треба да биде сместен во рамки на охридската Општа болница, а изработувачи на проектот се професорите Зорица Блажевска и Саша Тасиќ, од Архитектонскиот факултет од Скопје.

„Објектот ќе биде составен од две блоковски структури, приземје и кат и приземје и два ката, од каде што ќе излегува мала административна кула. Во новиот современ здравствен дом ќе бидат сместени службата за итна медицинска помош, педијатри, примање инфузии, лабораторија, диспанзер за деца од предшколска и школска возраст, трудова медицина, служба за рендген, патронажна служба, како и концесионери стоматолози и детска стоматологија“ истакна професорката Зорица  Блажевска на презентацијата.

Министерот за здравство, Венко Филипче истакна дека целта на новиот здравствен дом е пациентот да добие интергрирана услуга, односно сé да биде на едно место. Како министерство преку дебати да слушнат од граѓаните какви се потребите за да се најде идеалното решение.

„Планот со новиот здравствен дом е нова форма која сакаме да ја имплементираме, а тоа е да дислоцираме амбуланта од едно на друго место бидејќи старата е нефункционална несоодветна. Болниците во Охрид се одлични регионални центри“ истакна министерот за здравство.

Додаде дека Охрид заслужува да има нов, модерен и современ здравствен дом, а инвестирање во неговата  изградба се планира во следната буџетска година, во 2019-та.