Skip to main content

Охридските советници го прифатија планот за поделба на МЈП Проаква

 Едногласно усвоена одлуката за прифаќање на планот за поделба на МЈП Проаква. Денеска охридските а предходно и струшките советници се согласија за делбен биланс на меѓуопштинското јавно претпријатие. Сега на потег е Владата. Со тоа на повидок е решавање на горливиот проблем со одржување на колекторскиот систем. 

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските советници едногласни во прифаќањето на планот за поделба на МЈП Проаква. Нивната одлука следува по давањето согласност за поделба на меѓуопштинското јавно претпријатие од страна на нивните струшки колеги. Со тоа завршува првата фаза од процесот на одвојување и за создавање на ново претпријатие за управување и одржување на колекторскиот систем. Директорот на МЈП Проаква, Владимир Алексијоски се заблагодари на охридските советници што дадоа зелено светло за планот за поделба на Проаква и, како што рече, со тоа покажаа дека на прво место им е интересот на градот.

„ Сигурен сум дека ќе се реши горчливиот проблем околу колекторот. Проблемот околку т.н. еколошка бомба што се случува во градот. Благодарам до советниците и нивното разбирање во долгогодишните преговори со Владата на РМ излезе како предлог делбениот биланс. Беше усвоен од Управниот одбор и усвоен од советниците на општина Струга“, рече во своето обраќање Алексијоски.

Советниците од опозицијата во општинскиот совет се интересираа што ќе се случува со вработените во РЕ Водовод во Охрид и Струга.

„ Што со вработените ? Дали останува истата систематизација во РЕ Охрид и Струга , дали ќе има преместувања и нов распоред “, се интересираше советникот Кирил Пецаков.

Градоначалникот Јован Стојаноски уверува дека во планот за консолидација на двете РЕ Водовод Охрид и Струга нема предвидени отпуштања од работните места.

„ Оние кои се во РЕ Охрид и Струга остануваат. ОД РЕ Проаква колекторски систем остануваат и ќе бидат преземени од Владата. И Ре Струга си останува иста. Нема да има преместувања“, кажа градоначалникот Стојаноски.

Предлогот за поделбата на МЈП Проаква и формирање на ново претпријатие кое ќе управува со колекторскиот систем трае од 2008 година. Сега по давањето согласност од страна на охридските и струшките советници на потег е Владата на РМ која треба да одлучи дали ќе ги преземе побарувањата и обврските на претпријите кое треба да се грижи за функционирање на колекторскиот систем на Охридското езеро.

Инаку, на денешната седница советниците разгледуваа измени и дополнување на буџетот на општината за 2018, како и на усвојување на предлог одлуки за Годишните извештаи за работата и материјано финансиско работење на средните и основните општински училишта.