Skip to main content

Охрид недоволно ги искористува средствата од европските фондови

Нема ниту една општина во земјата што не добила средства за реализација на барем еден проект. Најдобри примери во земјата се Куманово, Битола, општини што преку наши фондови реализирале 30-40 па и повеќе проекти, но има и општини каде нивото на алоцирани средства е навистина ниско , како што е случајот со Охрид.

 |   | 

Повеќе од 150 милиони евра од европските фондови се на располагање во наредните 4 години. 40% од европските пари се трошат на проекти за развој на општините. Но сите општини не се подеднакво успешни во искористувањето на расположливите средства од предпристапните фондови. Охрид и Струга за жал не стојат добро на тој план. Охриѓани имаат многу потреби и многи идеи исто така, но нема доволно активност, вели Никола Бертолини – раководител за соработка при Делегацијата на Европската Унија

„Јас би и препорачал на општината и на организациите да инвестираат во млади луѓе . Доколку им се даде нив можност да развиваат проекти, да развиваат идеи ќе се креира подобро опкружување, подобри услови за идните генерации. Имате добро едуцирани млади генерации. Сите зборуваат англиски. Можат да напишат добри проекти. Затоа ве молам да ги искористите.“– потенцира Бертолини.

Бертолини со препорака и врз што треба да биде фокусот на општините. Има многу можности, вели тој, но локалните власти треба да дискутираат со граѓаните за нивните реални потреби и да го концентрира финансирањето не на многу мали туку на неколку многу важни проекти.  Пишувањето на проектите не е едноставно. Но немојте да се обесхрабрувате затоа што има многу правила и истите постојано се менуваат. Треба да се следат новините и да се создаде јадро , пред се од млади луѓе кои од идеи ќе направат проекти велат од  Секретариијатот за европски прашања и ветуваат помош на општините при аплицирањето.

 „Секретаријатот за европски прашања има тренинг центар. Ние доѓаме на повик доколку во општината постои потреба. Општината да си го организира своето милје. Значи не само општинари туку Агенција за вработување, социјални центри, невладини организации, можеме да дојдеме, да поразговараме , да отвориме некоја апликација и да видиме кои се најчестите проблеми при пополнување“– вели Евгенија Серафимовска Кирковска – Секретариијат за европски прашања.

Денеска во општината пред претставници на локалните власти, граѓански организации, асоцијации, земјоделци и бизнисмени раководителот за соработка при Делегацијата на Европската Унија , Никола Бертолини одржа работилница за подобро запознавање со актуелните можности и механизмите на финансиска поддршка на ЕУ за финансирање на локално ниво.