Skip to main content

Воена делегација од САД го посети ОУ„Братство Единство“ во Лескајца

Висока делегација од националната гарда на сојузната држава Вермонт од САД го посетија  ОУ Братство Единство во населбата Лескајца. Станува збор за долгодишен пријател на РМ кој повеќе од 25 години  помога во развој на нашата земја. Преку организацијата на УСАИД се реновирани голем број училишта меѓу кои и зградата на ова општинско школо.

 |  Валентина Неловска  | 

Висока воена делагација, предводена од генерал – мајор Стивен Креј, командант на националната гарда на државата Вермонт од САД, го посети ОУ Братство Единство во налебата Лескајца. Гостите од САД остварија средба со вработените и учениците од оваа школа каде што настава посетуваат ученици од различни етнички заедници. Преку организацијата на УСАИД се реновирани голем број училишта во Македонија, а меѓу нив и во зградата на ова општинско школо. Прекрасно е да се видат плодовите од работата на УСАИД и во изградбата на побезбедна околина за учење на учениците, рече во своето обраќање генерал- мајор Креј.

„ Многу е важно да продолжиме да помагаме секаде каде што можеме и да ги направиме побезбедни и подобри училиштата во Македонија, онаму каде што можеме за вашата иднина“, рече командант Креј.

Високата делагација од САД оствари средба и со градоначалникот Јован Стојаноски. Стојаноски кажа дека националната гарда од Сојузната држава Вермонт од САД е долгогодишен пријател на РМ. Преку УСАИД помагале во реновирање на македонските училишта, а меѓу и нив и во ОУ Братство- Единство. На средбата станало збор да се продолжи соработката во подобрување на условите во училиштата. Градоначалникот признава дека охридските училишта се во лоша состојба, но за 2019 година се прават подготовки на проекти со кои ќе се обезбедат средства за нивно реновирање.

„ Завршени се пресметките за ова и другите училишта во општината. Ќе следува изработка на проекти. Од буџетот на општината за 2019 година ќе бидат ставени за реконструкција на азбестниот кров на ова школо, но и на другите училишта,“ напомена Стојаноски.

На ОУ Братство Единство кое е изградено во далечната 1965 година потребно е замена на азбестниот кров, но и да се направи дренажа и замена на дел од дограмата, истакна директорот на ова оснновно училиште Џемал Мехмед.

„ Во ова училиште имаме основни приоритети како што е проблемот со влагата и азбестниот кров. Пристапивме кон решавање, неколку училници се реновирани преку проекти на УСАИД, има нови врати , но се пристапува кон решавање на проблемите повремено“, вели Мехмед.

Додека се очекува да се реализираат проекти за реновирање на школото, директорот на ОУ Џемал Мехмед кажа дека голем успех е што се покриени сите наследени долгови кои го кочеле инвестирањето во училишните услови во зградата во населбата Лескајца.

На средбата со воената делегација се предложи да се воспостави соработка меѓу ОУ „Братство Единство“  со основно училиште од сојузната држава Вермонт.