Skip to main content

Унапредување на безбедноста на патниот сообраќај на локално ниво

Македонија бележи растечки тренд на жртви во сообраќајни незгоди. Потребна е анализа на состојбата со безбедноста на патиштата и креирање ефективни мерки за нејзино унапредување. За тоа пак, неопходно е прибирање на податоци за сообраќајките  според европски стандарди и  нивно  интегрирање во систем достапен за сите институции вклучени во безбедноста на патиштата.

 |   | 

Македонија е над европскиот просек според бројот на загубени животи во сообраќајни незгоди. Анализите покажуваат дека во земјите во ЕУ во просек има 5 жртви во сообраќај на 100.000 жители, а во Македонија просекот е 8 жртви и бележи тренд на зголемување. Потребно е да се работи на анализа на црните точки и причините за сообраќајните несреќи, слабоста на инфрастуктурата, да се зајакнат механизмите за контрола на однесувањето на возачите кое потенцијално е опасност во сообраќајот. За таа цел потребен е ефикасен систем на податоци за сообраќајките според стандардите на ЕУ, достапен за сите институции вклучени во безбедноста на патиштата. Врз тоа РСБСП става посебен акцент.


„ Важноста на имплементацијата на процесот на прибирање на податоци врз основа на индикатори како механизам и инструмент преку кој ќе обезбедиме прецизни превентивни показатели врз основа на кои во иднина треба да се креираат ефективни мерки за унапредување на безбедноста во сообраќајот. “ – Ристо Манчев – Секретар РСБСП

Од Советот на низата стручни работилници кои ги спроведуваат периодов низ градовите фокусот го ставаат и на ефикасноста на сообраќајната полиција како и улогота на локалната самоуправа во областа на безбедноста на сообраќајот.


„Важно е да потенцираме дека согласно националната стратегија и процесите на децентрализација локалната самоуправа има особено важна улога кога е во прашање безбедноста во сообраќајот. И состојбите на терен покажуваат дека на ниво на Р Македонија се зголемува бројот на настрадани лица во населени места во сообраќајни незгоди. – вели Манчев.

Статистичките податоци покажуваат дека минатата година на подрачјето на СВР Охрид 12 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи од кои 5 лица на подрачјето на град Охрид, а 67 лица биле тешко повредени. Претседателот на ОСБСП вели дека состојбата е алармантна.


„ Сите овие статистички податоци и бројки кои се изнесени во делот на сообраќајни незгоди во кои што имаме тешки телесни повреди и жртви се доволно алармантни и доволен индикатор за сите субјекти кои кои имаат директна и индиректна надлежност во делот на сообраќајот многу повеќе да се ангажираат и степенот на безбедноста  да се подигнува на многу повисоко ниво.“ – Стефан Димоски – Претседател на  ОСБСП

Денеска во оштината се одржа работилница на тема „Унапредување на безбедноста на патниот сообраќај на локално ниво“ на која учествуваа претставници на Републичкиот и општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП и ОСБСП-Охрид), претставници на СВР  Охрид,  Технички факултет Битола, претставници на општина Охрид  и други  надлежни органи. Преку размена на ставови, мислења и искуства
учесниците ќе работат на утврдување на состојбите со безбедноста на патниот сообраќај на подрачјето на СВР  Охрид и дефинирање на предлог мерки и активности  за побезбеден сообраќај на локално ниво.