Skip to main content

Бројот на лица заболени од дијабетес во Охридско-Струшкиот регион секојдневно расте

Од здруженијата на дијабетичари апелираат за набавка на најнови типови на инсулин и најсовремени апарати за мерење на шекерот во крвта, со цел да се намалат последиците по здравјето на пациентите со дијабетес.

 |   | 

Од здруженијата на дијабетичари апелираат за набавка на најнови типови на инсулин и најсовремени апарати за мерење на шекерот во крвта, со цел да се намалат последиците по здравјето на пациентите со дијабетес. Од Министерството за здравство велат дека сите видови инсулин, кои влегуваат во Република Македонија се контролираат во лаборатории и секој инсулин има соодветен лот и сериски број и во случај на сомнеж за неговиот квалитет се прави супер анализа во странска лабораторија.

 Меѓу пациентите има и деца.Само пред една година од охридскиот центар за дијабетес информираа дека се регистрирани 7000 дијабетичари. Од регистираните дијабетичари во Охрид 1900 се на инсулин, а останатите се на таблетарна терапија. Ситуацијата во Струга и Вевчани уште поалармантна, таму регистрирани се околу 9000 дијабетичари, од кои 1700 се на инсулинска терапија.

Дијабетисот е заболување со кое нормално живеам и не се чувствувам болна, вели Елена Шулеска, дијабетичар од Охрид.

„Не било некогаш да нема инсулин, не се случило да останеме без инсулин, јас сум задоволна со третманот, во Охрид немам замерка“ кажува Елена.

Викендов во Охрид се одржа едукативна работилница за контрола на дијабетесот, на која присутните истакнаа дека државата мора да води поголема грижа за пациентите со дијабетес.Гордана Волкан- претседател на Здружението на дијабетичари од Охрид сугерира дека треба да се следат искуствата од земјите од нашето соседство кои веќе ги имаат Либре сензорите за мерење на шеќер кои работат на меѓуклеточна течност, со што се намалува боцкањето.

„Значи подобро е да се набават најнови типови на инсулин, подобри апаратчиња за мерење на шекер во крвта, отколку да се дојде до компликации кои се многу, многу поскапи од набавкатна на инсулинот“, информира  Гордана Волкан, претседател на Здружение на дијабетичари – Охрид.

Од Министерството за здравство пак велат дека пациентите со дијабетис во континуитет се снабдуваат со инсулин во соодветни рокови, кои се дистрибуираат врз основа на потребите на населението. Информираат дека сите видови инсулин, кои влегуваат во Република Македонија се контролираат во лаборатории и секој инсулин има соодветен лот и сериски број и во случај на сомнеж за неговиот квалитет се прави супер анализа во странска лабораторија.

Една од болестите која се јавува како последица на дијабетесот е дијабетичката ретинопатија. Станува збор за подмолно заболување кое  може да доведе до слепило, а пациентот да не е свесен за тоа.

„Во Македонија се регистрирани сите лекови за третман на дијабетичка ретинопатија кои се регистрирани во другите земји во светот, така да не заостануваме во можностите, но дефинитивно заостануваме со времето на дијагноза и редовностана третман. И токму поради тоа е кампањата. да лицата со дијабет се третираат соодветно и рано“, вели Д-р Фанка Гилевска – Систина Офталмологија Скопје.

Викендов од Министерството за здравство информираа дека во тек е нова јавна набавка за нови типови инсулини од понова генерација, кои се современа терапија за лекување на пациентите со дијабетес.